Штетите од пандемијата рекламната индустрија ги брои и во стотици илјади отпуштања од работа (на светско ниво), а агенциите кои и натаму работат = се адаптираат на новите КОВИД-19 услови, јасно, се соочуваат со значајни рестрикции во однос на продукцијата.

Извонреден пример за вакво прилагодување, и тоа со рекламна кампања за автомобилскиот бизнис чии реклами (најчесто) се најскапи (и продукциско-локациски ‘најнеблагодарни’), покажа чешка Шкода, со три кратки филмчиња/реклами за свои SUV возила, целосно снимени во домашни услови (со дигитална камера, на 8-милиметарски филм, и со користење кадар-по-кадар (stop motion) техника).

Зад рекламите, чии главни протагонисти се колички-играчки, стојат агенцијата Optimist, продукциската куќа Halal, и три режисерски визии: на Јохан Крамер, на Стефен Хаарс и на двоецот From Form, сочинет од Јурјен Версти и Ешли Говерс.

„Во времиња кога ‘нормалното’ станува ‘чудно’, треба да се напушти разгазениот пат ако се сака да се продолжи напред. Откако нѐ погоди пандемијата нашата индустрија се соочува со радикално нови услови, што нѐ тераат да се вратиме назад, до самата срж на креативноста, и да бараме неконвенционални решенија за новопојавените предизвици. Суштинската идеја за „Снимено дома; Откријте нови можности“ (Shot at Home; Discover new Possibilities) е силно инспирирана од овој дух“, велат од агенцијата Optimist.

„Ова е продукција 100% направена во условите во мојот дом, и иако е исклучително експериментална, истата е за комерцијален проект и за клиент како Шкода“, е коментар на еден од режисерите, Јохан Крамер.

Од From Form пак објаснуваат дека идејата им била да искористат препознатливи ситуации од секојдневието во домот, збогатени со „благ надреален и графички пристап“: за бањата, на пример, да стане лавиринт со огледала, а кујната скулптура од чаши.

Истовремено, кампањата порачува (стимулира креативци) дека „исклучителни нешта може да се креираат дури и во домашна изолација“; но и оти ако не сте креативец во оваа смисла, супер можете да си поминете додека совеста правилно ви реагира на повикот „Остани дома“, играјќи си и со колички.

Во продолжение, погледнете за што зборуваме …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here