Германецот, историчар на уметноста, Ајке Шмит, кој од 2015-та е директор на Галеријата Уфици во Фиренца – што е еден од најценетите музеи во светот, смета дека многу религиски уметнички дела, што моментално се во италијанските музеи, треба да се вратат во црквите од каде што биле земени. Идејата е дел од промислувањата на управата на Уфици изнудени од коронавирус кризата, за диверзификација/разместување на уметничките дела од музејот, за да се создаде ‘поширок’ музеј надвор од границите на зградите со поглед на Арно.

За самиот да даде ‘жртвен’ пример, Шмит е подготвен познатата „Ручелајска Богородица“ (Madonna Rucellai), што Дучо ди Буонинсења ја насликал околу 1285-та година, да ја врати во нејзиниот оригинален дом, црквата Санта Марија Новела, исто така во Фиренца.

Шмит не спори дека изложувањето на уметноста во музеи има предности, како во конкретниот случај – тоа што „Ручелајската Богородица“ е поставена заедно со соодветни дела на современиците на Дучо – Чимабуе и Ѓото, кои така лесно може да се споредуваат. Но, смета директорот на Уфици, ‘откинувањето’ на „Ручелајската Богородица“ од црквата Санта Марија Новела, го лишува делото од суштински дел од неговата историја и значење.

Ајке Шмит

„Побожната уметност не се раѓа како уметничко дело, туку со религиска цел, вообичаено во религиозен амбиент“, изјавил Ајке Шмит за The Art Newspaper. Тој смета дека ако се врати во црквата за која била создадена, иконата ќе може да биде видена во вистинскиот историски и уметнички простор, со сите предности во однос на доживувањето од страна на уживателот на делото.

Шмит е и претседател на Фондот за религиски објекти (Fondo Edifici di Culto), кој е огранок на италијанското министерство за внатрешни работи задолжен за одржување на скоро 900 римокатолички цркви и останати религиски објекти во земјата. На оваа позиција осознал дека околу илјада религиски уметнички дела се кај Италијанските Soprintendenze – државните надзорни тела одговорни за уметноста, архитектурата и археологијата; и оти овие дела биле донесени во музеите, на безбедно чување, главно после Втората светска војна. Но, како што вели Шмит, истите не се добро каталогизирани, соодветно, ниту лесно достапни, дури и за проучувачите.

Со оглед што повеќето цркви од кои се земени дела се под капата на Фондот за религиски објекти (кој е државен, како и Soprintendenze), правните процедури за враќањето на уметноста во нив би требало да бидат едноставни, вели Шмит, а дополнително ќе треба да се систематизира пристапот во однос на конзервацијата и безбедносните прашања.

Реакциите на предлогот на Ајке Шмит, засега главно во италијанската јавност, се спротиставени – со повеќе „против“ отколку „за“, а сериозна поддршка директорот на Уфици доби од неговиот колега (историчар на уметноста) и поранешен директор на „Викторија и Алберт“ музејот во Лондон, Марк Џонс, кој смета дека „секој што го интересира уметноста знае оти истата подобро се ужива во нејзиниот оригинален контекст.“ Според Џонс, потребно е само да се постават јасни правила, од видот – какви услови треба да исполнува одреден храм за да може во него да се врати одземеното уметничко дело, „и може да се организираат црковни церемонии за враќање дома на делата“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here