Перо Георгиев не престанува да нѐ воодушевува со секоја следна објава на неговите уникатни цртежи органски поврзани со придружниот им текст. Овој префинет цртач-поет (го избегнавме сврзникот „и“ за да ја потенцираме спецификата на неговиот израз), би го споредиле со зограф кој не знае за цајтнотот што инаку го подразбира сликањето на влажен малтер, зашто потезите непогрешливо ги влече по ‘откровение’, ‘заработено’ со просветеност; или, како што вели самиот Перо: „Сите цртежи (ми) се направени со едно влечење на моливот (фајнлајнерот), без коректури – таквиот израз бара чиста мисла – скица направена веднаш зад очните капаци.“

Одговорите што ни ги испрати на прашањата за ова интервју се доследни на неговата поезија – споменатата чиста мисла – извесната скица за цртежите; на зборовите/јазикот изграден од слоеви – ќе си дозволиме да го парафразираме Перо – во кои секој нурнува длабоко колку што може.

Повелете …


Како ја процесираш кризава со заеднички именител Ковид-19?

– Се обидувам да останам на доволна раздалеченост од неа. (јас, не таа).

Со самиот факт што ја нарекуваме криза, рефлексно реагираме на неа: заземаме одбранбен став и очекуваме удари. Само што прагот на издржливост не е ист кај сите. Не е ист ниту стравот, ниту мотивираноста, а сите сме влезени во ист ринг.

Преплавени сме и поплавени со информации. Секое толкување станува засебна реалност, честопати накалемена на клацкави темели.

Многу гледишта на кризата се нови и знаат да бидат прилично збунувачки. Тука не мислам на статистиката, таа можеби е најјасна. Всушност самиот КОВИД-19 сѐ уште беспрекорно си ја извршува својата задача. Ја најде најкревката точка и оттаму како спирала се руши и преостанатата структура на општеството.

Во многу слоеви, како под рентген зраци, а и со голо око, се видоа пукнатините. Тие не се само на институционално ниво, туку и на ниво на единка која не ја разбира заедницата, ниту се обидува да ја разбере. Сите сме внатре. Густо е и тешко се дише. Сиот свет остана без здив.

Понуди ли истата некое ново, поинакво видување на градот, на Скопје?

– Генерално кризите мобилизираат.

Тие се како извидничка чета: прво лоцираат, скенираат и на крај укажуваат. Го шират видното, а и бојното поле. Многу аспекти се ставени на тест. Суштинско ли е ова заедничко битисување – сите со сите, сите со градот, или платформата на која се градат сите тие меѓусебни врски е само егоистично преживување и надитрување?

Процесот на себенабљудување ќе трае и тоа е можеби единствениот значаен аспект во целава зашеметена ситуација: да се видиме самите себеси.

А градот занеме. Па однеме. Па пак занеме. Дури и тој почна самиот да си се гледа под око. Ја менуваше својата звучност и бучност, се згуснуваше, се растегнуваше. Се дотеруваше, ама не за нас. По прв пат, само за себе, се облече во зелено … а не видовме кога.

Колку што знаеме, не сакаш да ја дефинираш твојата карактеристична уметност, што ние (условно) би ја нарекле визуелна поезија. Но, можеш ли да ни кажеш нешто за поривот што ја произведува?

– Многупати и самиот си го поставувам истото прашање: чуму сето ова?

Тоа што сигурно постојано се провлекува низ моите цртежи е – светот и човекот во него. Неговиот сомнеж, неговата загриженост, емпатија, неговата глава полна прашања. Микрокосмос, над кој прелетуваат астероиди и бабрат вулкани.

Тој е мојот неисцрпен и неисцртан модел, симбол разголен до ниво на контура. Тој не е осамен, тој е сам, со својата сенка и својата смрт. Тој е избезумен, приземјен, но не престанува да павта со своите прашливи крилја.

Идејата или поривот на сите тие мали цртежи или скици не е ниту критика на општеството, ниту на градот, ниту на самиот човек. Тие поставуваат прашања, одгатнуваат лични дилеми, а неретко се доведуваат самите до ниво на апсурд. Го бистрат погледот и стимулираат раст на една вертикала со нови вредности.

Не верувам дека можат да имаат влијание или пак моќ за некаков отклон. Тие ме менуваат мене и тоа е доволно. Ја хранат мојата врска со мене.

Текст доведен до полнота на значењето, од кој е исцеден секаков баласт, каков што не трпат ниту линиите во твоите цртежи. Ова се твоите изразни средства. Слично како во архитектурата, која не трпи нејаснотии, каде не може со занаетска вештина да се скрие креативно-идејната празнотија, и да се остави „длабочината“ да ја бараат интерпретаторите?

– Светот е полн со слики и зборови и тие носат пораки. Читањето на тие пораки е многу лично.

Сакам да бидам јасен, со чиста мисла и чиста интерпретација. Иако верувам дека сѐ е превртливо, со безброј оски кои можат да понудат нови видици и перспективи.

Непостојаноста е единствената константа. Верувам дека секој миг нѐ менува и дека ситните детали прават најдлабоки резови.

Оваа форма на редукција на цртежот или дводимензионалната контура што се провлекува, не е промоција на ликовниот јазик, таа бара подлабок и појасен фокус.

Сите цртежи се направени со едно влечење на моливот (фајнлајнерот), без коректури. Таквиот израз бара чиста мисла – скица направена веднаш зад очните капаци.

Нема дефинитивни ниту погрешни одговори, тие може да се вистинските на некое следно прашање, или обратно: некои одговори поставуваат прашања.

Инверзноста во осмислувањето ме радува. Таа ме нурнува подлабоко и во јазикот, во тој мал голем свет изграден од слоеви.

Влијанија врз твојот креативен светоглед? Од сите уметности – во смисла на автори и дела.

– Светот го впивам со раширени зеници, но го гледам со спуштени капаци.

Мојот свет е полн со детали во кои чучи барем по еден ѓавол кој постојано боцка, брцка во око, штипе, кубе коса или сврби таму каде што не можеме да се почешаме, плука и подмочува. Тие детали силно влијаат, проектираат слики од кои понекогаш изронуваат приказни. Самите приказни често црпат од реалноста, но не се хранат со неа. Понекогаш се врзани за тесен културен контекст, но пораката која треба да ја пренесат е универзална и космичка.

Во суштина архитектурата е мојот медиум. Таму ги премерувам сите просторни и социјални врски. Таа е платформа која поставува прашања, предизвикува расправи и во ниеден контекст не го исклучува човекот. Се случи ли било какво исклучување, настанува судир и се создаваат пукнатини и фрустрации: човекот збеснува, се плаши, се крие, плаче. Некогаш застанува над нив, ги омекнува; расте и созрева со нив.

Сите автори со кои посредно или непосредно сум бил во контакт, на некој начин влијаеле на мојот светоглед. Се сеќавам дека кога бев студент, професорот Владимир Георгиевски бараше да скицирам сцени од прочитани книги. Тоа го правам и сега. Така откривам нови светови, си играм со својот.

Од Ле Корбизије учев да го мерам просторот и од него да правам калапи во кои ќе го сместам човекот и неговите движења.

Од Пол Кле – суптилноста на симболот, од Ван Гог – непоправливата лудост, од Мунк – човековиот вресок, од Џакомети – возвишената самотија, од Хаџибошков – човековиот немир и пркос.

Од Владимир Георгиевски – за човекот со сета негова избезуменост.

Во основа приказните се некакви проектирани сеќавања на разговори (со баба ми и дедо ми) кои никогаш не се случиле. Низ нивните фиктивни гласови се обидувам на приказните да им вметнам живот.

Секојдневните сопки се најголемиот предизвик. Од нив тече крв и тие болат.

Ја сакам уметноста, но самиот не се сметам за уметник. Или, што би рекол дедо ми, подобро површен во повеќе области, отколку специјалист само во една.


Перо Георгиев е архитект и дизајнер. Роден е 70-та година на минатиот век. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје. Покрај неговите патувања и престои во странство, неговата работилница за архитектура, ентериер и дизајн, finelinedesign во Скопје, е главната платформа за учење и практицирање на занаетот.

Уживајте во галеријата што следи, со негови цртежи-зборови …


… еден ден ќе порасне трева над секој град.

дедо ми често се повикуваше на тезата на мис ван дер рое: less is more.
кога се работеше за природата, баба ми поставуваше своја теза: more is morе

реките се избистрија, талогот остана во нас. многу теми се протнаа низ крупно сито. запрепастувачки и загрижувачки. светот сме ние, со сѐ што носиме со нас и во нас.
дебатата може да почне. оптималната раздалеченост дозволува широко отворени уши

дедо ми се радуваше повеќе на моливот отколку на алтанот в џеб. го остреше и со години ги влечеше неговите линии додека ја најде вистинската. веќе немаше време – желба силна, снага ситна. рече: може ќе задоцнам на сопствениот погреб, ама бидете така, ќе стасам.

за баба ми немаше друго место. ја нурнуваше главата во себе и оставаше самата да си тоне. секој пад и даваше смисла. велеше: додека изворот блика треба да пиеме, ако пресуши, пак да го ископаме. последиците секако ќе најдат одново свои причини.

дедо ми ги триеше очите и се обидуваше повторно да го изостри погледот. со трепките ја дробеше насобраната сол. светот во кој веруваше, го толчеше неговиот мир. лицата сѐ поматни, зборот-трн. не можеше повеќе да верува на приказните, тие беа постојано вистинити.

во видното поле на баба ми трепереше пејзаж.
се мушна.
самата стана пејзаж.

ја положи баба ми главата на дланки, го виде небото како голем син капак.
се сети на небото на петар пол рубенс, на тарнер, на мунк. на сите немирни неба. на небото на ван гог. (после него никој не се осмелуваше да слика небо). ги прелистуваше од око во око, од око на око на синиот капак. небото не е едно, небото е многу неба.

денот беше убав, но не за умирање.
павташе (дедо ми) со крилјата, ја проверуваше нивнта аеродинамичност. оптимистички го разгледуваше летот при пад, песимистички- падот при лет. со скратени крилја, сепак, најдобро се трчa. (стрелката на инструментот што го мереше ентузијазмот не се поместуваше)

пролетта секогаш терала по свое. ги подмочуваше своите денови, бележеше територија. овојпат вртеше само зелени очи. потфрли. и самата знаеше.

дедо ми знаеше дека конфликтот е единствениот резистентен код во генетичката структура на човекот, константа за постојан регрес. (зграпча камен и го акна по сопствената тимба – космос. постави нулта точка: кривата мора да ја смени насоката.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here