„Незапирливата сила на ритамот на Лајнер, испреплетена со сцени од необуздан рокенрол живот, ја открива досега непознатата страна на најважните протагонисти на ‘новиот бран’“, ветува издавачот Sandorf за пред десетина дена објавената книга – „Сѐ беше ритам“ (Sve bio je ritam), на извонредниот тапанар, или ако сакате бубњар, Борис Лајнер, на нам Многу омилената група од југословенскиот ‘нов бран’, „Азра“, на Бранимир Џони Штулиќ.

Книгата, за жал, сѐ уште не сме успеале да ја набавиме/прочитаме, но хрватските медиуми веќе објавија извадоци; а бидејќи во нив главно се работи за споменатиот Џони Штулиќ, чии ‘вечни’ фанови сме (односниот е ‘ѕвездата’ на автобиографските записи на Лајнер – како што пишуваат медиумите, а авторот се осврнува и на свои, „досега нераскажани приказни“, и со, на пример, Дарко Рундек (Хаустор), кој, наводно, во деновите пред славата, изел стаклена чаша за да добие бесплатна пица), нешто ќе пренесеме и ние.

Овде е важно да се каже (за оние што не знаат : ) дека и Борис Лајнер, иако еден од најжилавите соработници на генијалниот, но ‘особено специфичен’ фронтмен на „Азра“, од 1991-ва година не контактира со Џони, „со кој е тешко да се издржи“.

„Тој беше (Боб) Дилан на овие простори (…) А јас имав среќа и доволно нерви за да издржам покрај него десет години; бидејќи знаеме дека тој со сите се разделуваше со караници веќе после година или две“, е изјава на Лајнер од едно поодамнешно интервју.

Тапанарот во 1984-та го следел Џони и во Холандија (каде Штулиќ живее и денес), а во „Сѐ беше ритам“ раскажува (не)згода случена во Утрехт во тоа време, со двајца полицајци и колата на Џони во главни улоги:

Бранимир Џони Штулиќ

„Утрото почна со дожд. Тешки облаци од влага запнуваа на врвовите на куќите. Типичен холандски ден. Се свртев во креветот на другата страна. Не помогна. (…) А тогаш дремката ми ја прекина остриот звук на ѕвончето. Отворив. Двајца полицајци. (…) Ме прашаа чија е колата пред куќата – без регистарски таблички. Таа луксузна лимузина, Peugeot 604, дипломатот Џони ја купи за куп пари година дена претходно, од наш човек. Се викаше Франц и беше гитарист на бенд од Франкфурт. Сега, кога му истекла регистрацијата, требаше по нова да се оди во Германија. Тоа беше голема и скапа главоболка, што Џони не сакаше да ја решава. Па затоа Франц дојде во Утрехт и ги извади табличките. Полицајците дојдоа со ултиматум да ја регистрираме колата во Утрехт или да ја носат на отпад, каде ми кажаа дека ќе биде исечена на два дела. Со интерес го очекуваа ефектот од своите зборови врз мене, но јас рамнодушно им одговорив: ‘Само малку, да го прашам сопственикот’. Влегов во собата на Џони. Спиеше со сон на праведник. Го разбудив, а тој дремливо процеди: ‘Нека ја сечат на пола, да ти ја е… колата!’. Се сврте на другата страна и продолжи да спие. На полицајците ладнокрвно им пренесов: „Пресечете ја на два дела!“. Ме погледнаа со неверица, а тогаш еден од нив со скоро плачлив глас ми рече: ‘Но, човеку, стварно ќе ја преполовиме! Штета за толку скапа кола!’. Јас само одмавнав: ‘Ама ајде, ова е само куп лим …’ Си отидоа збунето вртејќи со главите … Ги слушнав како коментираат: ‘Баш се шашави овие Балканциве.’“, напишал Лајнер, а приказната нѐ потсети на едно негово старо интервју, каде зборува за Џони и парите; дека Штулиќ не го интересирале тантиемите што од Хрватска „редовно му се исплаќаат и го чекаат на сметка во банка“.

Во книгата може да се прочита и како Лајнер се обидел да ја изврши наредбата на Џони, да му го предаде на Мик Џегер материјалот од албумот на „Азра“, „It Ain’t Like in the Movies At All“ (1986), во фаза кога Штулиќ живо се надевал на успех и надвор од Југославија. Имено, фронтменот на ‘Стоунси’ тогаш бил во Холандија на снимање соло албум, и кога Џони дознал, му наредил на Лајнер: „Предај му го ова (споменатиот албум од 1986-та) на Џегер и остави му адреса за контакт!“.

Бубњарот кој по „Азра“ продолжи со „Вјештице“, не ни помислил да препрашува: „Твојата желба – моја заповед!“, му одговорил на Џони, додека веќе смислувал „лукав план како да дојде до Мик“ …

Инаку, Борис Лајнер е и академски (не до)школуван скулптор, а од портретите што ги сработил (портретот го смета за свој фах), по поводов патем ви ги пренесуваме оние на великаните: Арсен Дедиќ, односно, секако, Бранимир Џони Штулиќ, плус Џими Хендрикс.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here