Ликовната академија во Равена (Италија), светскиот центар на мозаикот, каде – случајно или не – студираат најдобрите ученици на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ (Скопје) од последниве неколку генерации; годинава, како и останатите образовни институции од областа, не можела да направи физичка презентација на сработеното од студентите во учебната 2019/2020.

Но, равенската академија, истовремено презентирајќи ја својата нова веб-страница, денеска го одржа онлајн својот традиционален „Отворен ден“ (Open Day), каде со задоволство (да не речеме гордо) ги видовме делата на нашите Ева Петковска и Мишо Стојановски (прва година), и Мила Добревска и Аница Китаноска (втора година) (во прилог на погоре кажаното, Мила и Мишо беа избрани за ученици на своите генерации во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, во мртва трка со Ева и Аница).

Во пригодниот текст за „Отворениот ден 2020“, од академијата пишуваат дека „знаењето на дланките/рацете“, за уметничките постапки што човекот ги надградувал илјади години, се пренесува „од дланки на дланки“; па, јасно, далечинското учење што го наметна Ковид-19 пандемијата, значело потенцијален проблем.

Но, „студентите не го загубија духот – стимулирани од професорите, експериментираа и продолжија да работат со тоа што го имаа на дофат – горди сме што продолжија да го негуваат живото знаење“, стои во презентацијата, чиј дух е на кризата да се гледа како на можност за развој во правци чии врати во нормални околности ги затвора комфорот на проверените техники и материјали.

На „Open Day 2020“, под насловот „Лицата на изолацијата“, може да се види автопортрет (мозаик) на Ева Петковска, нејзиниот цртеж „Тишина“ (Silenzio), како и автопортрет на Мишо Стојановски.

Aвтопортрет, Ева Петковска
„Тишина“, Ева Петковска
Автопортрет, Мишо Стојановски

Ева е застапена и во „Стриповското катче“, со делата „Стрип“ (Fumetto), „Кој си ти?“ (Who are you?), „Планета Земја“ (Pianeta Terra) и „Без сигнал“ (No signal).

„Стрип“, Ева Петковска
„Кој си ти?“, Ева Петковска
„Планета Земја“, Ева Петковска
„Без сигнал“, Ева Петковска

Од Мила Добревска и Аница Китаноска видовме анимации, изработени во техниката ротоскопија – по повеќе од месец ‘пипава’ работа на сликање кадар по кадар од претходно снимено видео. Делото на Мила се вика „Очи ширум отворени“ (Eyes wide open), а на Аница, која е од Вевчани, „Карневалот“ (Il carnevale) (јасно, се работи за Вевчанскиот карневал).

„Очи ширум отворени“, Мила Добревска
„Карневалот“, Аница Китаноска

Дела на други студенти на равенската академија, како и видео презентации на тамошни професори за „живоста на современиот мозаик“, односно за сцените и протагонистите на мозаикот во светот денес (како Чак Клоус), можете да погледнете овде, односно овде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here