Ени Либовиц ни е позната како авторка на најпознатите фотографски портрети на славните од современата популарна култура, која очигледно успева да ги увери (ѕвездите) нејзиниот објектив да го сметаат само како огледало од нивните приватни одаи, односно да се разголат пред него; и буквално, а, на извесен начин, и (ако треба) да се ‘искомпромитираат’, за фотографката што Конгресната библиотека во Вашингтон ја прогласи за жива легенда да го добие провокативниот момент за кој смета дека ја доловува парадигмата на личноста што ја портретира.

Но, сега, во условите на Ковид-19 пандемијата, Ени Либовиц направила радикален отклон од портретната фотографија, иако создаденото во изнудената пауза од сликањето луѓе го чувствува „како малтер, како еден вид ‘мазни’ преоди меѓу сите мои слики“.

Ени Либовиц

Се работи за фотографии на мртва природа, како што и се вика нејзината нова, онлајн изложба (Still Life – можете да ја погледнете овде), приредена од галеријата Hauser & Wirth, а отворена на 19-ти јуни.

Централно место на изложбата има колаж од фотографии, фатени со воочливо интимен поглед, а ‘чкрапнати’ во и околу нејзиниот дом во горен или Апстејт Њујорк (делот од сојузната држава Њујорк што е северно од истоимениот град). Од местото, и колажот го добил името: „Апстејт“.

„Нашиот пат ноќе. Парчиња од сложувалка базирана на сликата на (Џон Вилијам) Вотерхаус, „Дамата од Шалот“, што ја мести ќерка ми. Риба што ја испушти чапја чиј ручек го прекинавме. Дали се воопшто фотографии овие нови слики? Не знам. Повеќе се одговор на моментот“, е коментар на Либовиц за „Апстејт“.

„Апстејт“

Овие нови фотографии на онлајн изложбата се придружени од селекција слики од серијата на која американската фотографка работела пред пандемијата, во која таа како да ја антиципирала сегашната ситуација, па истражувала на планот на фотографија што суштински може да се смета за портретна, но, наместо да фотографира лица или човечки тела, Либовиц сликала предмети/детали поврзани со историски личности што ѝ значат.

Ги фотографирала пресуваните растенија од детскиот хербариум на Емили Дикинсон, ветвата површина на бирото на кое пишувала Вирџинија Вулф, а при посетата на домот на Џорџија О`Киф во Њу Мексико сликала и скелет на ѕвечарка поставен во стаклена масичка за кафе …

„Не се работеше за работа. Беше многу лично. Проект што го сработив за себе. Патував сама на места што ме интересираат. Нема луѓе на сликите. Фотографирав куќи и пејзажи и предмети што им припаѓале на луѓе кои веќе не се таму.“

Бирото на Вирџинија Вулф

Што се однесува до новите фотографии направени во тек на карантинот (од колажот „Апстејт“), галеријата ги продава (лимитирана едиција копии), а сета заработка од продажбата ќе ја поделат Солидарниот Ковид-19 фонд, „Црните животи се важни“ (Black Lives Matter) и „Иницијативата за еднаква правда“ (Equal Justice Initiative)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here