Еден од најплодните стрип цртачи во земјава, Дарко Богданов, е најзастапен автор и во новото специфично издание на Стрип центарот на Македонија од Велес, неодамна излезениот „Стрип Алманах“ број 4. Кога рековме „специфично“, имавме предвид дека изданието е продукт „на едно необично време и состојба“, причинети од здравствената криза со Ковид-19. Да не должиме повеќе повторувајќи го она што можете да го прочитате во текстот што следи, интегрално го објавуваме претставувањето на овој четврти број на „Стрип Алманах“, напишано токму од Дарко Богданов.

„Стрип Алманах“ бр. 4: деветта уметност во време на коронавирус

Оваа 2020 година, по игра на случајот излезе многу специфична. Во време на масовна здравствена криза сите области на нашето живеење трпат сериозни последици, а секако многу погоден е и стрипот и стрип сцената кај нас (а кога до сега и не биле погодени). Но, точно во вакви моменти е можеби и најпотребно човек да фати и да создава нови приказни, цртежи, нови изданија. Четвртиот број на „Стрип Алманах“ е баш таков продукт, продукт на едно необично време и состојба, исто како и самите стрипови кои се застапени во изданието што се необични и нестандардни, па според тоа се надевам да бидат интересни и за читателите.

Во него, во авторство на Александар Стеванов се објавени два опширни написи; првиот за пионерот на стрипот во Македонија – Желимир Книвалд, а вториот посветен на македонскиот современ стрип. Воедно, Стеванов се јавува и како сценарист на сите објавени стрипови во овој „Стрип Алманах“. Нивни илустратори, пак, се: Весна Ничевска, Катерина Николовска-Тери, Мирко Бојаџијевски, Стефан Коцевски и гостинката од Португалија – Елиза де Соуза. Најзастапен автор во изданието, кога во прашање е ликовно-визуелниот елемент, е дипломираниот ликовен уметник Дарко Богданов од Виница. Тој се потпишува како илустратор на четири стрипа, од единаесетте објавени, распослани на вкупно шеснаесет страници.

Клучен момент за овој „Стрип Алманах“ е тоа што може слободно да се каже дека во најголема мера е производ на актуелната и најнова македонска стрип продукција. Имено, повеќе од половина од објавените стрипови во него се со понов датум, односно се напишани и нацртани во последните 12 месеци, па за многу од овие стрип табли ова е нивно прво објавување. Во исто време и дел од таблите со постар датум исто така не биле претходно објавени на хартија (каков што е случајот со стриповите “You’re my thrill” и „Космогонија“), па тој факт и нив ги прави како да се сеедно „нови“.

Тоа што се забележува на прв поглед кога ќе се разгледа овој алманах, и што е особено интересно, е шареноликоста во жанровската застапеност. Во алманахот ја имаме стрип уметноста во мало. Во скоро иста мера е застапен и мејнстрим и алтернативниот момент, а има и елементи од повеќе стрип жанрови. Имаме надреалистична метафизичка приказна („Космогонија“), потоа супер херојска/пародиска („Суперхерој“), детскиот жанр („Приказна за безбојното мече“), како нештата би биле малку зачинети се провлекла суптилно и еротиката (“You’re my thrill”), за да стигнеме дури и до магичен реализам („Балада за мојот непријател“, „Си беше еднаш еден човек“) итн. Овде е убаво, исто така, да се спомне дека токму последниов наброен стрип погоре – „Си беше еднаш еден човек“ во декември 2019 година на меѓународниот стрип фестивал во Ваљево, Србија, ја доби наградата за најдобро раскажување во конкуренција од пристигнатите дела на 103 автори од 11 земји, што е знак дека кога нешто е убаво и сериозно сработено лесно се препознава и ги надминува локалните рамки.

Овој „Стрип Алманах“ има 48 страници А4 формат, печатени црно бело и е во издание на Стрип центарот на Македонија од Велес. Неговото финансирање, пак, е со поддршка од Министерството за култура како дел од проектите од национален интерес во културата за 2020 година.

Дарко Богданов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here