Пред една недела го видовме видеото со кое е означено отворањето на новото студио на легендарниот тату-артист со кумановско потекло кој повеќе од деценија и пол живее и работи во Јужноафриканската Република, Предраг Димевски–Пепи. Видеото ‘озвучено’ со извонредната тема на неговиот бенд Gunshot Blue, „Woods“, не ни остави простор за чекање – за повеќе информации Пепи го контактиравме веднаш, знаејќи дека кога се работи за него, ова не може да е обична преселба во нов објект; имајќи предвид и оти досегашниот негов тату-шоп, SA Hardcore Social Club (што постоеше од 2006 година), работеше одлично и имаше исто таква репутација.

И не се излажавме – како и секогаш кога се работи за Пепи, кој ни е добро познат по темелниот, 100 отсто фокусиран пристап, поради што за рекордно време постигнувал чуда во нештата со кои се зафаќал.

Значи, за отворањето ново студио има суштествена причина, што зема предвид дека тетоважата трае цел живот, колку што истата ќе зборува за човекот што ја носи, но и за уметникот што ја ‘внел’ под кожата:

„Овој план го имав веќе неколку години. Размислував како да им дадам повисока, поексклузивна понуда на клиентите, за да се чувствуваат дека нивната идеја, а и време, се ценети. Во претходното студио имав неколку артисти и секогаш беше преполно со луѓе, а сметам дека така се запоставува времето – што не е мало – неколку часа – што клиентите го поминуваат со артистот. Новото студио во оваа смисла е поприватно – секој ден има период во кој закажувам само консултации, за да можам да поминам доволно време со клиентот во разговор и размена на идеи околу тетовирањето; се разбира, со понуда на добро кафе, а и на сингл малт (виски, н.з.). Сакам луѓето не само да бидат свесни за тетоважата што (ќе) ја носат, туку да се сеќаваат и на денот, на времето поминато во студиото со артистот. За целта соработувам и со Frank Bespoke, најпознатиот модерен кројач во Јужна Африка. Имаме споено идеи на кои работиме во моментов“, ни раскажа Пепи.

Со Frank Bespoke

Инаку, идејата за видеото – за ваква промоција на новото студио, му ја дал неговиот добар пријател и редовен муштерија, кој по професија е кинематографер, Fred Wollner.

Пепи неизбежно го прашавме и за новости околу неговиот бенд (Gunshot Blue), со кој моментално, во корона-условите, паузираат; но, работат на нов материјал, односно „на издавање барем EP до крајот на годината“.

… и со Gunshot Blue

Тату студијата во Јужна Африка одново се отворени пред една недела, со спуштањето на нивото на корона ‘тревогата’ во земјата, а периодот кога ова ниво било на „петка“ и значело целосен карантин, Пепи го искористил за да направи „рестарт“ поаѓајќи од ‘изнудената’ медитативна позиција на моментот:

„Најискрено да кажам, ‘локдаунот’ ми дојде баш добро, како еден рестарт. Периодот на тоталниот карантин го поминав во читање книги, трудејќи се што повеќе да бидам сам. И сфатив колку е тоа битно. А не е баш лесно да се биде сам, без музика, телефон, телевизор и слично. Сфатив дека животот го живеам на многу брз начин. Затоа сега се трудам, покрај работата, музиката, тренингот (за одржување шампионски перформанси во велосипедизмот, н.з.), и секако семејството, да наоѓам време кога ќе можам да останам сам со себе во оваа смисла.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here