Од стрип-авторот и посветениот промотор на деветтата уметност во земјава, Александар Стеванов, одново добивме одлично интервју што во продолжение го пренесуваме во целост, а овој пат соговорник му е стрип-колекционерот Михајло Јосифовски. Повелете


Собирање стрипови: хоби во подем или „вид во изумирање“? Интервју со стрип-колекционерот Михајло Јосифовски

Постојат стрип-чинители чиј заеднички став е дека мислењето на еден конзумент, односно колекционер на дела од деветтата уметност, никако не би можело да се рамни со она на создавачите на стриповски дела. Авторот на ова интервју, кое само по себе е доказ за тоа, не е еден од тие стрип-чинители. А кога во прашање е мислењето на стрип-колекционерот со име Михајло, а презиме Јосифовски, неговиот став е поскоро спротивен. По професија Јосифовски е графички инженер, родум е од Битола каде живее до својата 32-ра година, а од пред десет години неговото постојано место на живеење се наоѓа во Штип. Поради тоа што за цртање баш и не го бивало, што и самиот не го крие, тој уште од мали нозе им се восхитува и се дружи со стриповите. Како еден од неколкуте македонски стрип-колекционери и пасионирани вљубеници во стрипот, тој ниту во дигиталново доба во кое живееме не престанува да ја води својата „сизифовска“ битка во насока кон популаризација на оваа уметност во Македонија. На промоција на издавачката куќа „Стрип квадрат“ која во штипската библиотека се одржа во 2017 година, Јосифовски купи не еден, а цели пет примероци од едно нивно издание. Со овој куриозитет за почит тој пет пати погласно од она што кој било би можел некогаш да го напише по темата, го потврди значењето кое читателите го имаат за развојот на стрип-културата во една земја, што пак е само еден од поводите за ова интервју.

Зошто се одлучивте да колекционирате стрипови, а не поштенски марки или автомобили, на пример?

Колекционер сум уште од дете, а сѐ започна со собирање албуми на самолепливи сликички, играчки и нормално стрипови. Во одреден период собирав и поштенски марки, а за автомобили – требало да се родам во Беверли Хилс. Со стрипот за првпат се сретнав преку мојот постар брат, тој ги носеше дома, ги читаше и разменуваше со другарите, а јас, иако знаев што се, во тоа време не ги разгледував и отворав. На мои 8–9 години за првпат отворив еден и веднаш ме плени убавината на приказната во слики. Тогаш сѐ уште не знаев да читам латиница и само ги гледав сликичките, но и без текст приказната во глобала беше разбирлива и интересна. Оттогаш до ден денес останав со стриповите. Во меѓувреме, исто така, собирав и музички цедеа, но со појавата на Mp3 престанав да ги купувам. Па така, единствените нешта од кои што дигитализацијата не ме одврати останаа книгите и стриповите. И најдобриот стрип или книга во дигитална форма не можат да ги заменат хартиените изданија и чувството да ги држиш во рака и да ги разлистуваш.

Претпоставувам дека кога некој ќе слушне оти колекционирате стрипови, едно од редовните прашања е колку парчиња брои вашата колекција?

Па и не баш. Прва реакција кај постарите е како и тие читале кога биле деца и дека ги собирале, но дека сега веќе ги надминале тие детски работи. Најчести прашања се дали сѐ уште излегуваат и се издаваат и дали читам стрипови, а помладите генерации најчесто прашуваат – што е тоа стрип, зошто не си читаш на компјутер и сл. Во поглед на колекцијата, со годините мојата колекција растеше и се намалуваше како што самиот растев и стареев. Нормално, моите почетоци беа со „Златна серија“ и „Лунов магнус стрип“, „Микијев забавник“, „Политикин забавник“, изданијата на „Дневник“ – „Дилан Дог“ и „Марти Мистерија“, па „Стрипотека“, „ЕКС“, „Гигант“, а дури тогаш се навратив на постарите ревии и магазини кои почнав да ги читам веќе во средно училиште. Во овој период веќе почнав редовно да ја „проветрувам“ мојата колекција и да менувам едни едиции за други и да го намалувам самиот број на стрипови. Потоа следеше онај мрачен период на штама во стрип-издаваштвото во соседството, а со самото тоа и немање редовен прилив на нови стрипови и навраќање на читањето на тоа што си го собрал дотогаш. Во тој период решив да ја десеткувам колекцијата и, освен одредени јунаци и епизоди, целата колекција ја скратив и ја заменив за музички цедеа. Со отпочнувањето на издавање на нови епизоди од „Бонели“ продукцијата во Хрватска, а подоцна и во Србија, одново почнав да ги собирам истите. Со достапноста и поевтинувањето на интернетот и комуникациите, се појавија и првите странски стрипови исклучиво на англиски јазик. Од тие рани години на 21-виот век па до денес, мојата заинтересираност и мојата колекција пораснаа за неколкупати, но сега веќе во друг формат и со други школи на стрип (американска, француско-белгиска, манга). Искрено никогаш не сум ја изброил точната бројка, но се работи за многу стрипови, претежно нови и странски изданија со остатокот од старата колекција.

А дали можеби сте пресметале колкав процент од нив се домашни изданија?

Михајло Јосифовски

Најболното прашање за мене. Во мојата колекција најмал број на стрипови се домашни изданија (под домашни изданија мислам на комплетно авторски, од наши автори, и на македонски јазик). Македонското издаваштво на стрипови е скоро па непостоечко. Сѐ се сведува на ентузијазмот, љубовта, жртвата на самите автори и на инцидентни искри на надеж. Македонија никогаш немала сериозен издавач на стрипови. Имало обиди, но завршувале со неколку изданија. Во поглед на стрип-ревии и магазини ситуацијата е нешто подобра, но далеку од посакуваната. Низ годините често се појавувале издавачи на странски изданија во македонски превод, но тоа е друга приказна. Талентот го има и тоа е очигледно, но целата организација и реализација е очајна, а и помладата публика мислам дека претпочита дигитални стрипови, за сметка на печатените.

Имате ли некој најдраг стрип?

Има многу стрипови кои сум ги читал по повеќе пати и кои ми се драги. Откако почнав да набавувам стрипови преку интернет, претежно на англиски јазик, најомилен стрип-серијал ми е „Хелбој“ (Hellboy) од Мајк Мињола (Mike Mignola) и сите придружни серијали на главниот. Интересниот стил на цртање на Мињола, со сенки, ме вовлече во целата приказна на надреални ликови помешани со историски личности и митови, народни приказни и цел еден фолклор на човештвото, измешан со еден анти-херој со добра смисла за хумор. Останати стрип-серијали кои што ми се допаднале се „Причер“ (Preacher) на Гарт Енис (Garth Ennis) и цртачот Стив Дилон (Steve Dillon), „Скалпд“ (Scalped) на Џејсон Арон (Jason Aaron) и цртачот Р. М. Гера (R.M. Guera) и многу многу други.

А омилени стрип-автори?

Во последно време ми се допаѓа сѐ од Џеф Лемир (Jeff Lemire): „Свит Тут“ (Sweet Tooth), „Есекс каунти“ (Essex County), „Лост догс“ (Lost Dogs), како и од француското дуо Кераскоет (Kerascoët), Швајцарецот Фредерик Питерс (Frédérik Peeters), Французинот Ману Ларсене (Manu Larcenet) и многу многу други.

Илустрација на Мајк Мињола

За разлика од пред триесеттина години, кога македонските киосци беа полни со стрипови, денес нив речиси и да ги нема. Како вие најчесто ги набавувате стриповите?

Денес има два начини за набавка на стрипови, првиот е стрип книжарницата „Бункер“ во Скопје, а вториот е интернет. Во последните 5–6 години 90% од стриповите ги набавувам преку интернет и исклучиво на англиски јазик. „Бункер“ ги покрива скоро сите издавачи од екс-ју просторите (Србија, Хрватска) како и скоро сите изданија што се јавуваат во Македонија. Кога ќе се навратам на годините наназад, со нетрпение го чекавме секој четврток да одиме на киосците за да набавиме нови стрипови, но во тоа време приматот го имаше италијанската „Бонели“ продукција, додека сега 90% од стриповите што ги набавувам се американска, француско-белгиска, манга и нормално некои стрип јунаци кои сѐ уште ги следам до ден денес, како на пример Дилан Дог.

Дали бројот на стрип-љубители во Македонија полека се зголемува или, пак, тие стануваат „загрозен вид“?

Во Македонија скоро и да нема стрип-љубители, повеќето се од постарата генерација „заразена“ уште од бившата држава или од помладите генерации кои случајно ќе прочитаат стрип откако ќе дознаат дека нивниот омилен блокбастер е, всушност, адаптација на стрип. Најголемиот број стрипаџии се собрани околу здружението „Макстрипови“ и нивниот веб-форум од каде и потекнуваат најчесто нивните дружби. Истиот феномен е и во сите соседни држави, но нивните напори вродуваат со плод и стриповите се сѐ подостапни за сите како на киосците така и во библиотеките. Во Србија и Хрватска секоја година државите вршат откуп на одреден број стрипови од издавачите и истите се достапни во библиотеките за читање, што во глобала не е некој којзнае каков исчекор, но секако ги прави стриповите достапни до сите, имајќи предвид дека во последните неколку години речиси сите изданија се полуксузни, со повеќе епизоди, а со самото тоа и со повисока цена.

Доколку ве прашам за стрип-сцената во Македонија веројатно би ми одговориле дека баш и немаме некоја сцена, туку само обиди за нејзино создавање или можеби грешам?

Жално, но тоа е реалната ситуација во Македонија, стрип-сцена не постои. Стрипот е сведен на суб-културна подгрупа на новата поп-култура. Обиди за создавање имало безброј, но без некои поголеми успеси. Да не бидам погрешно разбран, талентот го имаме, серија на одлични цртачи и сценаристи, историски исто така имаме од кого да влечеме инспирации и поуки, а и со новите технологии можностите се бесконечни. Но, сите досегашни проекти кои на хартија изгледале како сигурни хитови и врвни дела во практика или не го здогледувале својот печатен живот или останувале само како добри идеи. Со самото тоа и авторите кои би требало да бидат носачи на македонската сцена работат за странски пазари или нешто сосема трето како видео игри или дизајн. Целосната слика на културата во нашата држава е на незавидно ниво, оттука и не гледам некои подобри ветрови за стриповите. Да ја сумирам сликата, еден одличен цртач или сценарист никогаш нема да си го наплати реално сработеното во Македонија, додека надвор ќе биде ценет и соодветно финансиски компензиран. Со моменталното дигитално убивање на печатените медиуми, не гледам светла иднина за сите печатени медиуми, па ни за стриповите.

Каде во оваа рамка стои стрип-културата во Штип?

Ова прашање е непотребно бидејќи во овие десет години, откако сум во Штип, имало само 2–3 промоции на илустрирани книги, една промоција на стрип-албум и една изложба на стрип-табли, за кои јас сум чул и видел, така што ниту гледам рамка, ниту гледам стрип.

Со оглед на тоа дека во Штип живеете само десет години, а во Битола цели 32, веројатно можете подетално да ни кажете за досегашните стрип-случувања таму?

И во Битола ситуацијата е слична, во огромен временски период многу малку случувања и сѐ што вреди, нормално, заминало во Скопје.

Што е она што недостасува за поголема популаризација на стрипот во нашата земја?

Одговорот на ова прашање е составен дел на прашањето. За поголема популаризација на стрипот во Македонија недостасува стрип, од каков било вид и во која било форма. Мое мислење е дека иднината на стрипот е во дигитална форма, како на изработка на истиот така и во конзумирање.

Александар Стеванов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here