Самиот наслов – „Совршено христијанство со несовршени христијани“ (лесна, а во функција на прецизноста насочена парафраза на насловот на познатото, мало само по бројот на страниците, дело на рускиот филозоф Николај Берѓаев), совршено ја доловува идејата на стрип-албумот што го претставуваме. А таа поаѓа од тоа дека Господ не дошол за „здравите“ (за оние кои себеси се сметаат за здрави и „немаат нужда од лекар“), туку за „болните“ (кои самите се сметаат за болни); односно од следственото оти Црквата е за оние кои имаат потреба од лекар каков што е Господ (правилото е дека најздравите всушност се сметаат за најтешко болни, само за да имаат ‘целосен третман’ во „болницата“ до нејзиното ‘затворање’). И дека човек кога ‘суди’ за Црквата не треба да се соблазнува од нејзините „болни“ членови – односно (и ние ќе парафразираме една здрава народна мудрост) оти не ни врши работа ако извлекуваме заклучоци за Свети Никола според ‘поведението’ на попот Никола. Зашто токму преку разбирањето на целисходниот однос на Црквата кон ‘болките’ (во смисла и на ‘мааните’) на христијаните (воопшто на човекот), се открива совршенството на христијанството.

Стриповите содржани во албумот „Совршено христијанство со несовршени христијани“, денес ја имаат функцијата што првите христијански уметници ѝ ја дале на сликата/фреската/иконата, воведувајќи ја во литургискиот живот на Црквата (и) како „учителка на верата“. Со префинета духовност и исто таква духовитост (двата поими „духовност“ и „духовитост“, ако и не се синоними, тогаш се синонимично блиски), овие стрипови безмилосно, но истовремено совршено пресретливо за читателот, се справуваат со болестите познати од христијанската практика, некои уште од древноста, некои со понов датум, како суеверието, неразликувањето на проблемите што се во доменот на социјалната психологија од духовните проблеми, современото фарисејство, и особено ‘арчењето’ на стеснетото видно поле поради „гредата во нашето око“, на ‘ѕверење’ во „раската во окото на другите“.

Стрип-албумот издаден во Србија содржи 20 кратки стрипови, по сценарио на Анте Попа, а автори на цртежите се Тони Радев, Стеван Ковачевиќ, Небојша Ремељеј, Данијела Киш, ИР, Милан Младиќ, Пеѓа Славни, А.Т.Б. Издавач е Агенцијата за издавачка дејност „Бернар“.

Во продолжение, како ‘апетизер’ за заинтересираните пред да го набават ова одлично издание, пренесуваме неколку од вклучените стрипови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here