За генијалниот детски цртеж сме пишувале, и ќе пишуваме, зашто не мора да си гениј како Пикасо за да увидиш дека на оној што „останал уметник и откако пораснал“ „му требаат четири години за да може да слика како Рафаел, а цел живот за да почне да слика како дете“.

А ниту пак треба да се постигне некоја посебна зрелост/возраст за да се ‘прими’ Пикасо – последниот доказ го добив деновиве, кога при една прошетка со семејството поминавме покрај куќа во чиј двор се изведуваа градежни работи, и се слушаше брчење на електрична пила динамизирано со врескавите звуци на сечењето метал, а на сето извесен ритам му даваше работата на другите мајстори, со други алати.

„Ова е Пикасо во музиката“, забележа 6-годишниот член на нашето семејство, Петар Ристески.

Неговата сестра Ева Петковска студира ликовна уметност во Равена, Италија, а поради епидемијава не може да си дојде за распустот. И бидејќи многу си недостасуваат, па малку им е само да се слушнат и видат на „Месинџер“, на секои неколку дена заедно и цртаат, преку видео повик.

Петар и Ева

И денеска Петар и Ева имаа ваква ‘сесија’, и одново работите се свртеа накај Пикасо. Вниманието додека работев нешто во истата соба со Петар ми го привлече воодушевувањето на Ева од другата страна на видео врската, а од серија цртежи што брат ѝ ги изработил за петнаесетина минути. Кога сестра му го праша „зошто баш Пикасо?“, Петар ѝ одговори дека за идејата што ја имал најмногу одговарал тој стил.

Кога ги видов цртежите, седнав и го напишав ова.

А еве ги и цртежите …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here