Од изложбата „Скопската алеја на меѓународната солидарност“, Градски парк - плато пред споменикот на Гоце Делчев, 25-ти јули 2020-та

Лајка и дедо Тома

пишува: Александра Ристески

На улица „221“, денешна „Апостол Гусларот“, помеѓу ОУ „Петар Петровиќ Његош“ (денешно „Песталоци“) и амбулантата Млин Балкан, живеел воениот инвалид Тома со своето семејство – сопругата Стојна, четирите живи деца, Борис, Божидар, Славка и Александар (постарите близнаци Велимир и Владимир починале за време на Втората светска војна), и кучето Лајка.

Црната вучјачка Лајка била многу умно куче. Никој не можел да се приближи до семејниот дом додека таа го чувала. А го чувала и кога спие. Гостите ги пречекувала со силно лаење и ‘ржење. А ако гостинот ѝ се обрател со зборовите „Здраво Лајка“ и ѝ ја фател шепата со рака, таа правела пат и го пропуштала во двокатната, жолта куќа, карактеристична и по многуте украсни статуи на терасите од вториот кат.

Приквечерината на 25-ти јули 1963-та, и особено вечерта кон 26-ти јули, Лајка почнала силно да завива и да ги собира кокошките во ќумезот; нешто што никогаш претходно не го правела. Комшијата од соседната куќа, кој имал мало бебе, дошол и му се заканил на Тома неколку пати, да го замолчи кучето, зашто му го будело бебето.

Утрото сите ги разбудил застрашувачки татнеж, предметите кои почнале да паѓаат по собите, пукањето на земјината кора. Стојна, во паниката, сакала да истрча со децата во дворот, но инстинктот на Тома бил правилен кога ги задржал под носечките столбови на куќата. Горниот спрат, со сѐ статуетките, се срушил во дворот.

Кога се потсмирила земјата, Тома, како и повеќето негови комшии, го пренел семејството во дворот на основното училиште „Петар Петровиќ Његош“. Од Лајка немало ни трага ни глас. Заедно со другите возрасни мажи, па и повозрасни машки деца, почнале да ги обиколуваат разрушените улици, со цел да помогнат онаму каде се слушале очајнички повици за помош, од под урнатините.

„Тогаш, Скопје беше многу помало“, ни раскажуваше дедо Тома нам – 8-те негови внуци. „Се протегаше од денешно ‘Симпо’, до Маџир Маало и Мичурин.“

дедо Тома

Глетките што ги пресретнале, од почит кон жртвите нема да ги прераскажам, а само ќе цитирам еден од насловите на тогашните светски весници: „05:17 ч., 26-ти јули 1963-та, Скопје занеме од шок и од болка“.

„Приквечерината, вадејќи греди и цигли од урнатините на некоја куќа, некаде кај денешно ‘Симпо’“, продолжуваше дедо Тома, „некој ми се приближи од зад грб и ми скокна на рамена“ – погодувате, тоа било верното куче Лајка, кое успеало да го најде својот сопственик … а можете да го замислите и заемниот кураж на моментумот.

Лајка и Тома се дружеле уште во наредните 10-тина години, сѐ до нејзината природна смрт. Во обид да го надмине пострауматскиот шок, како и повеќето скопјани, Тома почнал да чува ‘голуби’. Па, така денес, во муабет со неколку стари скопјани, тие ќе си приспоменат: „Во тоа маало живееше еден голубар Тома/е“.

„Да, да, велам, тоа беше дедо ми.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here