По големата медиумска фама сразмерна на цената (450,3 милиони долари) на најскапо продадената слика на сите времиња – „Salvator Mundi“ (Спасителот на светот); по повеќето книги, минијатурниот музеј, разноразните инсталации што ја следеа сагата за новата историја на ова дело; оваа слика, наводно на Леонардо да Винчи, сега ќе добие и свој мјузикл.

Имено, компанијата Caiola Productions која е копродуцент на наградувани мјузикли како „All The Way“ со Брајан Кренстон (најпознат како Волтер Вајт „Хајзенберг“) или „The Lifespan of a Fact“ со Даниел Ретклиф (Хари Потер), планира да ја постави претставата „Salvator Mundi! The Musical“, во Њујорк, во 2022 година.

Како што велат оттаму, мјузиклот ќе ја измеша „историската репортажа од ‘Hamilton’ (со цело име ‘Hamilton: An American Musical’ – мјузикл што раскажува за еден од „татковците основачи“ на САД, Александар Хамилтон, н.з.), со фантазијата и радосната возбуда поврзани со златниот билет на Вили Вонка“:

„Мјузиклот ќе ја следи приказната за тоа како сериозно оштетената слика на која е прикажан Исус, купена за помалку од 10.000 долари во 2005-та, еволуираше до станување ремек-дело на Леонардо да Винчи – загубено над 500 години – наречено ‘Salvator Mundi’, кое во 2017-та беше купено на аукција на Christie’s за над 450 милиони долари“, стои во соопштението од Caiola Productions.

Веќе е ангажирана писателка да напише книга за поткрепа на новата претстава, додека од Caiola Productions „сѐ уште разговараат со композитори и текстописци“ за потребите на мјузиклот.

Поновата историја на „Salvator Mundi“ се следи од 1900-тата година, кога ја купил богат трговец со текстил, Френсис Кук, чиј, пак, правнук, во 1958-ма ја продал за 45 фунти, како дело на ученикот на Леонардо, Џовани Антонио Болтрафио, кому сликата се припишуваше сѐ до 2011-та. Тоа е годината кога трговецот со уметнички дела Роберт Сајмон, која во 2005-та го набавил делото за помалку од 10.000 долари, првпат официјално му го припишал авторството на Леонардо да Винчи. Истата 2011-та, со поддршка од неколку експерти на тврдењето дека сепак ја насликал Да Винчи, сликата првпат го привлече вниманието и на јавноста, појавувајќи се, по првата долга реставрација, на изложба на дела на Леонардо во Национална галерија во Лондон. Во ваков контекст рускиот милијардер Дмитриј Риболовлев ја купи во 2013-та за 127,5 милиони долари, по што истиот ја тужеше ауциската куќа Sotheby’s поради измама во врска со цените на повеќе дела, вклучувајќи го и „Salvator Mundi“. Конечно, сликата во 2017-та ја постигна рекордната цена, што наводно ја исплатил саудиски принц, и оттогаш ниту се знае кој ѝ е вистинскиот сопственик, ниту каде воопшто се наоѓа.

Од Caiola Productions велат дека со приказната ќе стремат – настрана од медиумската фама, односно популистичкиот интерес за делото главно поврзан со неговата рекордна цена – да презентираат „подлабоко и пометафорично значење“:

„Како многу театарски поставки, уметничките слободи ќе бидат загарантирани, за да се создаде ‘просветлувачко’ и забавно искуство.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here