Владан Дробицки е еден од најпрепознатливите ликови на нашата џез сцена. Со повеќе од три децении ангажирана присутност, со „Сетстат“ го прават врзивното ткиво на сцената помеѓу спорадичните џез пројави што не успеваат да ја преживеат непогодната клима за култури како џезот. Најновото од Дробицки произлегува од неговата соработка со Мирко Попов – првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, каде можеше на едно место да се чуе/види пресекот на најдоброто што моментално се создава во земјава од жанрот – сфатен широко, но со јасни критериуми – а веќе објавено под етикетата PMGJazz

Најпрво, како помина „Џезот крај Вардарот“, кој, верувам, нема да ‘секне’?

Секако нема да секне. Помина одлично. Организациски немавме ниедна видлива грешка, влезниците беа однапред распродадени. Се осети позитивната енергија на сите присутни, така што ни краткотрајните дождови не ја попречија утврдената сатница. Најбитно за мене, квалитетот на сите седум концерти беше на завидно високо ниво.

Како и кога те освои џезот? Кој ти е најголем учител во музиката?

Дефинитивно татко ми. Од мал ми всади љубов кон класичните форми на џезот преку музицирање на тромбон. Покасно многу за инструментот, а и музика воопшто, научив од мојот професор по тромбон, Јорго Стефановски. Имав и среќа да просвирам во бендот на еден од најголемите македонски музичари, Љубомир Стоисављевиќ.

За најдоброто од македонскиот џез можеме да се ‘обратиме’ кај изданијата на PMGJazz. А на што треба да обрнат внимание љубителите на жанрот од она што во моментов се случува на светската сцена?

Мене ми личи дека светската сцена не е веќе толку компактна како порано. Најверојатно новата технологија, интернетот, направи планетата да стане глобално село и овозможи новините да допираат до нас молскавично. Се избришаа влијателните музички центри и возможно е да направите музика во било кој дел од земјината топка, а таа да стигне до било кој консумент за дел од секундата. За ова сведочи успехот на македонската група Светлост Одрон Ритуал Оркестра, која успеа да влезе во кругот на најдобрите светски џез остварувања за 2019, а е аудио материјал снимен во Скопје, со македонски музичари и објавен во македонска издавачка куќа – ПМГЏез.

Како се случи ‘збратимувањето’ со Мирко Попов?

Колку и да е на прв поглед противречно, за нас дојде многу лесно. Со Сетстат имавме снимена музика која, беше во ред, арно ама некако не се решававме да ја објавиме. Му понудивме на М. Попов да стави текст. Излезе одлично и нѐ натера да го промениме концептот на нашата музика. За првпат вклучивме вокал. Работната етика на Мирко е неверојатна. Не сум видел некој да работи повеќе од него – на и за музика. Најверојатно љубовта кон истата нѐ натера да влегуваме од проект во проект. Заедно запознавме еден куп млади уметници, желни за музицирање во област за која мислев дека е маргинализирана кај нас, импровизациската музика. Природно беше да заклучиме дека треба да оформиме џез лејбл и да се обидеме нештата да ги изнесеме во јавност.

Овде ретко кој живее (само) од музика. Ти живееш за џезот, но може ли и да се живее од него?

Да се биде професионален музичар одамна не е само склопување на инструментот и негово практицирање. Денес мораш и 200 други работи да завршиш за сметките дома да бидат подмирени, а ти да го имаш комодитетот потребен за творење. Всушност сите тие работи оставаат трага врз твојот карактер, а ти на крај на денот решаваш колкав ќе биде компромисот и дали воопшто ќе го направиш. Колку си поуспешен правиш помалку компромиси и обратно … Јас имав среќа да работам тоа што сакам, да влегувам во добри состави, со прави луѓе и на некој начин комодитетот го имам. Но, некогаш е доста напорно.

Во контекст на претходното прашање – како „Сетстат“ успева да опстои повеќе од три децении, со несмален ентузијазам, и тоа како синоним за врвен квалитет, како во однос на творечката испорака, така и според техничкото мајсторство на музичарите од бендот?

Точно е дека сме долг период заедно. Најверојатно затоа што сме сродни души и делиме слични афинитети за музика, уметност, наука, животни погледи и т. н. Немам прецизен одговор зошто сѐ уште влегуваме во гаража и правиме музика. Најверојатно тоа ни е начин на комуникација, дружба, желба да се створи нешто.

„Monolith“, Sethstat

Што успеа да надоместиш од одложуваните книги/филмови/плочи … во ова време што порачува „остани дома“?

Гледам никогаш да не останувам без работа. Околу изданијата има доста техничка работа, која мора да се заврши. Тука е и секојдневната тромбонска рутина. Никогаш не сум бил филмофил и немам некоја колекција на филмови. Повеќе документарци од секаков жанр. За олабавување на нерви. Преслушувањето музика, за мене е доста различно. Не бирам стилови, туку квалитетна музика. Сфатив дека во последно време не преслушувам студиски материјали, туку живи изведби. Можам да препорачам ВеДеЕр Биг Бенд (WDR Big Band), Книбоди (Kneebody), Камаси Вашингтон (Kamasi Washington), Шабака Хачингс (Shabaka Hutchings), Санс оф Кемет (Sons of Kemet). Се изнауживав во онлајн изданието на Љубљански џез фестивал.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here