Муралот „Рибарот“, како што можело да биде виден до пред неколку дена, на „Y“-Блокот дизајниран од архитектот Ерлинг Виксјо

Муралот „Рибарот“ (The Fishermen), дизајниран од Пабло Пикасо, што долго ја красел фасадата на зграда во центарот на Осло, во делот (Regjeringskvartalet) каде се сместени норвешки владини институции, веќе не е на своето место, туку е отстранет, и во складиште ја чека својата релокација. Ова е дел од план на норвешките власти кој не успеаја да го спречат ниту предупредувањата од конзерватори, ниту критиките од врвни куратори, ниту петиција потпишана од повеќе десетици илјади луѓе …

Муралот се наоѓал на фасадата на зградата со име „Y-Block“ која му припаѓа на стилот брутализам, а е проект реализиран меѓу 1956 и 1970 година, на норвешкиот архитект Ерлинг Виксјо. Оваа архитектонски многу вредна зграда, оштетена во терористичкиот напад од 22 јули 2011 за кој е осуден Андерс Брејвик, ќе биде урната, а дел од подготовките е и отстранувањето на муралот на Пикасо.

Оштетениот објект бил надвор од употреба по нападот од 2011, а во 2014 норвешката влада одлучила да го урне „Y“-Блокот поради безбедносните ризици што ги подразбирал.

„Симнувањето на муралот е кулминација на повеќегодишната битка меѓу надлежните – кои тврдат дека уривањето е неопходно од безбедносни причини, и активистите – кои веруваат дека одлуката претставува злосторство против норвешкото културно наследство“, напиша New York Times по поводот.

А дека „прашањата на безбедноста, функционалноста, урбаното опкружување, конзервацијата и трошоците се земени предвид при вкупната проценка“, изјави норвешкиот министер за локална самоуправа и модернизација, кој тврди и оти институцијата (Picasso Administration) која го надгледува широкото наследство на уметникот, дала дозвола за проектот и покрај првичното двоумење.

„Рибарот“ ‘на суво’

Инаку, се работи за два мурали што се погодени од планот на норвешките власти, а кои се резултат на соработката на Пикасо со норвешкиот уметник Карл Несјар. Големиот Шпанец дизајнирал пет мурали за две соседни згради во Осло, споменатиот „Y-Block“, и „H-Block“. Најпознатиот плод на оваа соработка, муралот „Рибарот“, е веќе отстранетиот (пред неколку дена – на 30 јули). Според планот на норвешката влада од 2014 деновиве е сместен во складиште и друг мурал од Пикасо/Несјар, „Галебот“ (The Seagull), досега украс на лобито на „Y“-Блокот. Три помали мурали („Плажата“ – The Beach, „Сатир и Фаун“ – Satyr and Faun, и верзија на „Рибарот“) треба да бидат оставени во нивната оригинална состојба.

Реакциите против овој план го одложувале истиот неколку години, сѐ до февруари годинава, кога било потврдено извршувањето.

Ставот на критичарите е дека муралите се замислени како уметнички дела неразделно поврзани со местото на кое се наоѓале, односно оти отстранувањето и преместување ги лишува од суштинскиот контекст.

Професор по историја на архитектурата од Осло, Мари Хватум, изјавил дека „фактот што норвешката држава го завршува она што терористот го почнал, претставува сурова иронија“.

Во мај кураторите од њујоршкиот Музеј на модерната уметност (MoMA), Ан Темкин и Мартино Стерли, испратиле писмо до премиерот на Норвешка, Ерна Солберг, со став дека уривањето на објектот ќе значи „значајна загуба за норвешкото архитектонско наследство“, како и преседан што може да го доведе во прашање натамошниот третман на дела во слична ситуација.

Како што пишува Times, внукот на архитектот Виксјо и ќерката на уметникот Несјар заедно ја тужеле норвешката влада за да спречат „Рибарот“ да биде отстранет од неговото место, но, како што се покажало, безуспешно; и покрај одлучните акции на активистите кои и физички се обиделе да не го дозволат напредокот кон уривањето на објектот на чија фасада се наоѓал муралот.

Активисти пред муралот на Пикасо/ Несјар во 2019

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here