Гласовите на публиката/јавноста ќе одлучат кое е најдобро меѓу 12-те уметнички дела создадени низ светот и влезени во потесниот избор од конкурсот Art of Change на WaterAid за најефектно доловување на скапоценоста на водата и на важноста на миењето на рацете особено сега во екот на пандемијава. Од резултатот на гласањето ќе произлезе кампања со победничкиот постер што ќе им биде претставена на владите низ светот во октомври.

Во навистина ‘ѕвезденото’ жири ангажирано од меѓународната невладина организација WaterAid што го направило потесниот избор на дела од конкурсот се еден од најпознатите современи британски уметници Грејсон Пери, етиопската фотографка Аида Милуне, францускиот графички дизајнер и илустратор Жан Жулијан, и англискиот актер Расел Тови ‘квалификуван’ како страстен колекционер на современа уметност.

Конкурсот ги поканил сите заинтересирани уметници на меѓународно ниво да креираат постери што ќе го зголемат притисокот врз светските лидери да ги удвојат напорите/инвестициите за обезбедување чиста вода и хигиена за сите луѓе.

„Три милијарди луѓе низ светот немаат услови во нивните домови да ги измијат рацете со сапун и чиста вода. Приказната не е нова, па им се обративме на уметниците да побараат смели и свежи начини да ја раскажат“, велат организаторите.

Победничкиот постер ќе биде објавен на Глобалниот ден на миењето раце, што е 15-ти октомври.

Уметницата од Замбија, Муленга Ј. Муленга, чиј постер се вика „Сложувалка која може да биде решена“, вели дека „ако миењето раце е прва одбранбена линија против Ковид-19, а 785 милиони луѓе низ светот немаат пристап до чиста вода, резултатот не може да биде поинаков освен многу здравствени проблеми и последователни социјално-економски предизвици“.

„Сложувалка која може да биде решена“

Ирина Богдан од Белгија која е застапена со две дела, коментирајќи го едното од нив наречено „Скапоцено ≠ луксузно“, на кое капки вода се прикажани како бисери од ѓердан, вели дека ја насликала водата како скапоцен накит, „но таа не смее да биде луксуз за ниту едно човечко суштество“.

„Скапоцено ≠ луксузно“

Пред да одлучите за кој од 12-те постери ќе гласате, а тоа можете да го направите овде, прочитајте ги зборовите и на претставничката на жирито, Аида Милуне:

„Креативноста и уметноста се големи сили на промената во светот. Како фотографка која работи во Етиопија имам визија да креирам уметност што ќе го охрабрува предизвикувањето на клишеата и ќе ја прикаже силата, убавината и наследството на Африка и нејзините жени. Чистата вода и хигиената се витални за превенција од ширењето на смртоносните болести како коронавирусот, а милиони луѓе сѐ уште живеат без можност да си ги задоволат овие основни потреби. Само заедно можеме да ги натераме владите да преземат итна акција за исправување на оваа неправда“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here