Бенкси е мајстор на диверзијата, односно на изненадувањата, од кои често им приредува позитивни на Палестинците. Оттука жителите на палестинскиот град Витлеем одлучиле сега тие да му приредат изненадување на најпознатиот уличен уметник со непознато вистинско име. Витлеемци организирале изложба под името „Ти благодариме Бенкси“, со фотографии на 20 дела што уметникот ги создал во Палестина.

„Бенкси постојано нѐ изненадува и денеска ние сакаме да го изненадиме него (…) Тој направи толку многу за Палестина (…) го ризикуваше и животот за Палестинците (…) Ја помогна и нашата економија отворајќи нови можности за ‘алтернативен’ туризам“, се зборови на координатор на настанот, Јамен Илабед.

Изложбата за благодарност до уметникот за ставањето ‘под рефлектори’ на Витлеем е поставена на главниот градски плоштад кој името го добил по јаслите каде е роден Исус Христос. На посетителите, пригодно во услови на пандемија, организаторите им поделиле и маски со испечатени мотиви од дела на Бенкси.

А тој првпат се изразил на темата израелско-палестински конфликт во 2005-та, кога во знак на солидарност со Палестинците насликал девет малечки сцени на ѕидот (контроверзната безбедносна ограда) изграден од страна на Израел.

„Тоа беше ризично зашто во тек на првата интифада (палестинското востание против Израел 1987-1993) и втората интифада (2000-2005) сликањето графити на ѕидот беше забрането. Многу луѓе беа повредени или уапсени поради цртање графити. Така што, Бенкси направи многу за Палестинците“, вели Јамен Илабед.

Уметникот и Витлеем беа вест во светските медиуми и во 2017-та, кога Бенкси ја направи инсталацијата – хотелот „The Walled-Off Hotel“, чии соби гледаат на ѕидот/израелската безбедносна ограда, и затоа имаат „најлош поглед на светот“.

Во објектот се ‘сместени’ уметнички дела што се коментар на израелско-палестинскиот конфликт, како „Лузната на Витлеем“, чие име на англиски е игра на зборови: „Scar of Bethlehem“ наместо Star of Bethlehem (Витлеемската ѕвезда што ги одвела тројцата мудреци до местото каде што се родил Христос).

„Scar of Bethlehem“

Минатиот месец Бенкси подари и серија слики на тема бегалската криза, кои на аукција се продадоа за околу 3 милиони долари – средства со кои е помогната болница во Витлеем.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here