Такамаса Ишихара познат под сценското име Мијави (Miyavi) е јапонска музичка ѕвезда, а ние го паметиме по впечатливиот настап во „Unbroken“ на Анџелина Џоли каде беше Муцухиро Ватанабе, затворскиот чувар садист кој холивудската дива мајсторски одбрала да го одигра токму атрактивниот и харизматичен Мијави за да го постигне бараниот контраст, зашто „Птицата“ (прекарот на Ватанабе) „бил болен, но многу добро образован, многу интелигентен, и опишуван како прекрасно обликувано чудовиште“.

Прогресивниот Мијави пандемијава го натерала да размислува не само технички, туку и филозофски како да се прилагоди(ме) на новата ера што смета дека нема да заврши и по ставањето под контрола на ширењето на коронавирусот.

Своите увиди на темата ги споделува во интервју за The Verge под наслов: „Како јапонската рок ѕвезда Мијави настапува во свет без музика во живо?“, а со заклучок во поднасловот кој вели: „Мислам дека клучот за пост-корона ерата е колку реално ќе можеме да се чувствуваме во виртуелниот свет.“

Поради тоа што почесто во периодот пред здравствената криза бил во САД отколку во родната Јапонија, Мијави има свои тимови и во двете земји, и практичниот дел од прилагодувањето на условите на пандемијата го почнал откако поради неможност да отпатува во Америка од Јапонија каде сега е, не можел ниту да сними две планирани музички видеа.

„Затоа почнавме да го правиме видеото за ‘Holy Nights’ со аниматори, создавајќи свет во кој ме нема“.

Односното видео под очигледно аниме влијание се појави на YouTube во мај, објавувајќи почеток на „виртуелниот Мијави“. Но, музичарот не бил задоволен колку акција каква што подразбира вистински настап има во спотот за „Holy Nights“.

„Holy Nights“

Затоа следниот чекор подразбирал волуметрично снимање за потребите на видеото за „Need for Speed“, следен сингл што се појави месец подоцна. Се работи за техника во која се користат неколку камери одеднаш за да се сними 3D модел што може да се употреби во CGI (компјутерски генерирана графика) рендерирање, што, пак, овозможува „виртуелен“ видео запис што е базиран на вистински настап.

„Со ова искуство ја почувствував иднината. Мислам дека клучот за пост-корона ерата е колку реално можеме да се чувствуваме во виртуелниот свет“, се зборови на Мијави, кој продолжил да бара; сега веќе начини за да настапува онлајн во живо.

„Need for Speed“

Оттука е произлезен Miyavi Virtual Live Level 2.0, настап со жив бубњар на сцена на која е внимавано на дистанцата меѓу двајцата перформери; без публика, со исклучок на флотата дронови кои кружеле околу бендот снимајќи го настапот.

„Можеш да направиш што ќе посакаш со волуметричното снимање, но тоа бара време за продукција, а јас сакав пренос во кој ќе го користам моето вистинско тело. Многу е важно да се експериментира.“

За деновиве излезениот Miyavi Virtual 3.0 концерт е користен истиот пристап, со тоа што сцената била визуелно збогатена со огледала и специјално осветлување.

Во разговорот за The Verge Мијави се осврнува и на иднината на виртуелните настапи имајќи ги предвид виртуелните концерти што уште пред пандемијата се одржуваа на пионерски платформи како играта „Fortnite“.

„Тоа е полето на кое сакам да истражувам. Зашто стварно сум навлечен на ‘Fortnite’ – почнав да ја играм во 2018-та додека се снимаше сиквелот на ‘Maleficent’ (одново соработка со Џоли, веројатно на нејзина иницијатива, н.з.) во Лондон, зашто имав многу време додека го чекав мојот ред за снимање и играв со моите ќерки. И сега играм со ќерките дури и пред да отидат во школо, што го нарекувам ‘Fort-morning’. Откако ќе се разбудат играме 30-45 минути. Како музичар, чувствувам дека меѓу музиката на Miyavi и ваквите игри има хемија. Но, секогаш се трудам да не играм премногу!“, вели музичарот и актер.

MIYAVI Virtual 3.0

Тој смета дека глобалната ситуација ќе ги поттикне луѓето, вклучувајќи го и него, да живеат и работат на нови начини дури и откако нештата ќе се подобрат.

„Јас сум патник – патувам многу и сакам да ги искусувам нештата со сопствените очи. Да ја почувствувам атмосферата за мене навистина има суштинско значење. Но, во исто време светот ќе биде поинаков. Дури и ако се вратиме на нормалното, мислам дека нашиот начин на живот ќе биде поинаков, па и начинот на кој ќе креираме. А сега знаеме што можеме да правиме. Оваа ситуација на некој начин нѐ поттурна напред. Мораме да најдеме начин. Тука клучните прашања се: Што е суштествено? Што ја прави сржта на вредноста? Вештината што ја имам во овој живот е да свирам гитара со моето физичко тело, па сакам да најдам начин тоа да го ‘измиксам’ со виртуелните технологии. Тоа е мојата одговорност како мост до следната генерација.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here