И покрај предноста на Бајден што ја покажуваат анкетите и штетата што на Трамп му ја прават обвинувањата дека за да си обезбеди реизбор поттикнува насилство, дел од Американците кои работат во креативната индустрија не сакаат ништо да му препуштат на случајот преземајќи мерки на претпазливост од повторување на претходните избори.

Така, во нова книга зад која стојат битни играчи на американската индустрија за анимација, собрани се креации на 60 илустратори, аниматори, дизајнери на карактери, графички дизајнери …, што треба да ги натераат луѓето ‘чувствителни’ на уметност да се ‘досензибилизираат’ за важноста на претстојните претседателски избори во САД и да излезат да гласаат во ноември победувајќи го и стравот дека може да се заразат со Ковид-19.

Книгата се вика „Уметноста на гласањето“ (The Art of Voting) и навистина нуди решенија за плакатниот дел од кампањата какви што досега не сме виделе меѓу оние што ги нарачуваат политичарите. Меѓу застапените автори се и Софи Коко Гејт, Џејми Вулф, Леонардо „Лео“ Мацуда, Меган Руиз, Шоф Кокер, Фернандо Реза, Абел Хејфорд, Габи Запата.

Нив за потребите на „The Art of Voting“ ги обединиле Алисон Мен од Sony Picture Animation и Стефани Переа од Niantic (компанијата позната по игрите Ingress и Pokémon Go). Дуото кое претходно – набргу по изборот на Трамп за претседател на САД – ја има издадено „Не е мој претседател! Детска книга за возрасни“ (Not My President! A Children’s Book for Adults); проект што собрал 15.000 долари кои ги поделиле неколку непорофитни организации како Американската унија за заштита на граѓанските слободи (ACLU) и Планирано родителство (Planned Parenthood).

„Џоан Баез рече: ‘Акцијата е противотров за очајот’, и во текот на овие несигурни и стресни времиња многу од нас се обидуваат да најдат начини да помогнат, како и да ги изразат нашите емоции. Баравме начини како да ја преточиме оваа енергија во нешто креативно, продуктивно и позитивно. Никој од нас не учествуваше на маршевите и политичките митинзи, зашто сакавме нашата енергија да ја искористиме на начин што ќе направи разлика. Оттука ја искористивме нашата јака страна – заедно да креираме уметност – и тоа да го направиме активистички“, се зборови на Алисон Мен.

За „The Art of Voting“ парите се обезбедуваат преку краудфундинг (досега се собрани околу 6.000 од потребните 20.000 долари), а планот е да се испечатат 500 книги по цена од 46 долари, која дополнително треба да потсетува дека Американците избираат 46-ти претседател во „годината што е клучна за постигнување на целите: слободни и фер избори во Америка и демократија за сите“.

На книгата сите работеле волонтерски и сите приходи од неа ќе одат за „Фер борба“ (Fair Fight), организација посветена на обезбедување услови за слободни и фер избори.

„Целта ни е да обезбедиме инспиративни, мотивирачки и едукативни пораки од различни гласови преку визуелно и наративно раскажување. Се надеваме дека ќе ја зголемиме свесноста околу демократскиот процес, и оти ќе ги инспирираме другите да станат поактивни во однос на промената на политичкиот пејзаж – и, на крајот на краиштата, да гласаат.“

Погледнете ги постерите:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here