Негативни се повеќето искуства што сме ги чуле за работењето од дома во тек на пандемијава, од вработени од земјава во компании од приватниот сектор. Се жалат дека кога морале да работат од дома зашто нивното дете/деца не оделе во школо, а немало кој да ги чува, добивале 50% плата, а работеле повеќе од претходно зашто шефовите сметале оти штом се дома работното време не мора да им заврши во 16.30 часот, на пример.

Но, очигледно не се вакви искуствата на Британците, зашто ако им се верува на BBC Ideas канцелариските работници на 2020-та ќе гледаат како на точка на позитивен пресврт.

Во истражувањето спроведено од одделот на британскиот јавен радиодифузен сервис чиј слоган е „кратки филмови и видеа за љубопитни умови“, се вели дека многу од тамошните канцелариски работници, на свое и на задоволство на нивните работодавачи, во тек на пандемијава докажале оти добро можат да си ја завршат работата и од дома.

Оттука BBC Ideas се прашуваат што најавува искуството од справувањето со Ковид-19 за иднината на канцелариската работа? Поаѓаат од тоа дека 80% од луѓето кои работеле од дома во тек на ограничувањата на движењето/полициските часови поради мерките за спречување на ширењето на вирусот рекле оти сакаат и во иднина да продолжат да работат барем еден ден од работната седмица од дома. Додека, пак, двајца од тројца испитаници на односните анкети копнеат да се вратат во своите канцеларии во некоја форма.

Со други зборови, се бара модел за работа што ќе го искористи најдоброто од канцеларијата и од работењето од дома.

Експертот за аспектите на работата кои зависат од местото каде се работи, Ентони Сламберс, го подвлекува очигледното, дека целта на ниту една фирма никогаш не била да има канцеларии како канцеларии, туку продуктивни вработени. Канцеларијата во оваа смисла е само еден начин да се постигне продуктивноста. Последниве неколку години многу компании се префрлија на канцеларии од отворен тип (open-plan) со идеја дека вработените во широките работни ‘савани’ послободно ќе се среќаваат и ќе си ‘поигруваат пинг понг’ со своите идеи. Но, стои забелешката од не мал број луѓе дека канцелариите од отворен тип им влијаат да чувствуваат дека постојано се прекинувани и оневозможени да си ја завршат работата. Оттука е извлечен заклучокот дека канцелариите имаат и свои предности, но и маани.

Предностите се значи случајните средби, налетувањата на колеги и спонтаното споделување на размислувањата, што е тешко да се постигне при работа од дома. Има доволно показатели, тврдат од BBC Ideas, дека најдобрите ‘просветлувачки’ моменти поврзани со работните задачи настануваат при овие случајни средби.

Професорот Санди Пентланд од Масачусетскиот технолошки институт (MIT) вели дека причината зошто овие конверзации се толку ефективни е што се случуваат во моменти кога вработените не се под притисок/надзор од нивните шефови, односно се чувствуваат слободни да водат поискрени дискусии, наместо ‘да погаѓаат’ што би сакал шефот да чуе.

Како микс од позитивното од работењето од канцеларија и од дома Британците посочуваат модел што почнува да се нарекува ‘TW&T револуција’, каде вработените работат од нивните канцеларии во вторниците, средите и четвртоците (оттука името – акронимот: Тuesday, Wednesday, Thursday), но од дома во понеделниците и петоците.

Други, пак, ‘поавантуристички’ настроени компании, ги охрабруваат вработените да работат од каде и да е, и кога и да е, во зависност од тоа каде и кога се чувствуваат најпродуктивни или најинспирирани. Тие усвојуваат модел што е познат како асинхроно работење – наспроти синхронизираното работење што значи временски координирано дејствување.

Компаниите кои го избрале овој модел велат дека тоа им ја дава потребната флексибилност на вработените да ги однесат нивните деца во школо или дури ‘од 8 до 16 часот’ да сe оддадат на активности што инаку се резервирани за слободното време. Веруваат дека ваквата погодност кај нив ќе ги привлече најдобрите работници.

Во оваа смисла, велат од BBC Ideas, во иднина треба да се очекува повеќе да се слуша за поимот ‘хибрид’. На поавантуристичкиот крај на ‘хибридот’ некои компании веќе зборуваат дури и за собирање на нивните вработени само еднаш квартално (на три месеци), a имајќи го предвид ова, ним и не им требаат канцеларии.

Заклучокот на истражувањето е дека она што е најизвесно во однос на иднината на многу канцелариски работници е крајот на ерата на релативно раното будење секој ден и одење на исто место.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here