Дејмиен Хрст во соработка со Фондацијата Прада (Fondazione Prada) почна нова кампања со добротворни цели, за помош на италијанскиот огранок на меѓународната организација „Да ги спасиме децата“ (Save the Children), чии луѓе работат на овозможување да продолжи образованието за италијанските деца од социјално ранливи семејства, погодени од кризата со Ковид-19.

Хрст креирал четири нови принтови во ограничена серија за да се соберат средства за проектот „Одново да ја напишеме иднината“ (Riscriviamo il futuro), кои може да се купат преку платформата на HENI Leviathan до 27-ми септември во две големини (39 x 39 cm, односно 78 x 78 cm) и чинат 400, односно 1.200 евра.

„Ковид-19 поразително се одрази на многу луѓе и семејства низ светот, а изолацијата беше голем проблем, но особено за децата кои не можеа да одат во школо. Сакав да најдам начин да се обезбедат пари и да им се помогне на децата од социјално ранливите семејства (…) Воодушевен сум што во соработка со Фондацијата Прада ги реализиравме овие нови принтови за да ги поддржиме извонредните успеси на ‘Save the Children’ низ цела Италија, за овозможување бесплатен пристап до образование и соодветни можности на десетици и десетици илјади деца кои имаат ваква потреба“, е изјава на Хрст по поводот.

Именувани „Плодотворно“ (Fruitful) и „Засекогаш“ (Forever), принтовите се всушност сјајни, апстрактни детали од Хрстовата последна серија слики на црешови цветови (Cherry Blossoms). Серијата големи платна ги претставува црешовите цветови во полн цут, а инспирирана е од делата на Пјер Бонар, Клод Моне, Ван Гог, како и од поинтилистичките иновации на Жорж Сера. На принтовите од новата добротворна кампања може да се видат ‘макро’ прикази од густите наноси живописни бои на големите платна од серијата „Cherry Blossoms“ .

Хрст покрај дело од серијата „Црешови цветови“

Извршната директорка на италијанскиот огранок на „Save the Children“, Даниела Фатарела, вели дека „е неопходно да се пресретне високиот ризик од растечката образовна сиромаштија кај децата и раното напуштање на школувањето, особено после прекинот на работата на училиштата што погоди многу ученици кои немаат пристап до учењето на далечина во Италија.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here