Се сеќавате на вицот кој во сите свои прилагодливи варијанти се случува во библиотека, додека неговиот протагонист ја прашува библиотекарката за книга на тема за која одреден народ сонува (како, на пример, Србин кој бара книга за „Голема Србија“) и добива одговор дека научната фантастика е на вториот кат?

На трагичната страна од овој виц, режисерско-сценаристичко-продуцентскиот двоец, Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, излезот од милјето во кое болно удираме (како да е од стакло, па постојано го превидуваме) каде и да тргнеме во сите димензии на нашево општество (зборуваме за милјето што го прават политичарите за кои со право имаме стереотипизирана претстава – чест на исклучоците), го бара во сферите на научната фантастика.

Во оваа смисла инди филмот „ТМ“ што вчера ја имаше својата скопска премиера на „Синедејс“ (на извонредната локација – паркот „Ибни Пајко“), паметно го комбинира документаристичкиот пристап во контраст со жанрот научна фантастика, јасно предочувајќи ја неможноста да се промени споменатото милје во постојниве околности.

„ТМ“ почнува буквално документарно, со сцени од протести пред Владата, при што очигледно не е важно против кого се протестира, зашто „сите се исти“. Поентата е да се прикажат повремените изблици на гневот на луѓето, кој поради неисполнетите очекувања продолжува да се полни, и напразно да се празни во одредени интервали. Оваа поента особено доаѓа до израз ако како интегрален дел од филмот се гледа претходно излезениот оригинален трејлер, во кој нема ниту една сцена од „ТМ“, а каде по хронолошки ред се изредени сите битни ликови од политичката сцена на државата, претопувајќи се еден во друг/едни во други, за до крајот да ‘бајат’ една иста ‘мантра’.

Трејлерот за „ТМ“

И играниот дел што следи (во филмот) продолжува (псевдо)документаристички, верно отсликувајќи ја ситуацијата во општествово. Во дијалозите како да е од збор до збор пренесено она што секојдневно го слушаме секаде. За младите кои при првата можност бегаат во странство ако не им се случи чудото да го добијат ‘џек потот’ – да се вработат во сигурноста на јавниот сектор, а тоа да не е поврзано со политичка афилијација.

Во овие сцени опипливо е доловена напнатоста во општеството, наизменичните пројави на апатија и анксиозност кај протагонистите, кои поради неможноста нешто да сменат „си легнале на брашното“ чиј највулгарен симбол во контекстот е делењето на производот добиен со мелење (на житните култури : ) пред избори, за да се купат гласовите на социјално најранливите категории.

Главниот лик Филип, кој го игра Ивица Димитријевиќ, е од ретките на кои „не им е проблем да живеат овде зашто имаат доволно пари“. Како програмер е на врвот според просечните примања по професија во државава.

Но, во „ТМ“, токму тој не може да се вдоми тука и сега. Како интелигентен човек, така претставен и во извесните тестимонијали – искази во полиција што за него ги даваат неговите блиски, Филип секако ги разгледал можните/остварливите опции за промена. Го гледаме уште во документарната сцена што го отвора филмот дека е на протест, кога сѐ уште верува оти и во земјава и натаму има смисла да се смета на „силата што е кај народот.“

Но, …

На крајот одлучува да се качи погоре, „на вториот кат“, кај научната фантастика. Ова, јасно, го прави осаменички, иако се покажува дека во поновата историја не бил единствен – ваквите пориви на верување во невозможното биле трансгенерациски.

И татко му, загинат во сообраќајка, бил на мал чекор од тоа „на вториот кат“ да го најде излезот, конструирајќи временска машина (оттука името на филмот: „ТМ“ = Time Machine).

Овде може да се шпекулира дали можеби бил убиен во наместена сообраќајка за да се спречи откривањето на машината со која би можело ‘терминаторски’ да биде испратен назад во времето, до некоја точка од која ќе може да ѝ ги помати сметките на политичката каста?

Како и да е, фактот е дека неверојатниот потфат на татко му (и во научна смисла), останал заборавен. Така ќе биде најверојатно и со Филип, иако тој го остварува невозможното, ја доконструира временската машина, па ‘верниците’ може да му се надеваат како на спасител. Или да добијат мотивација од ликот кој невозможното го направил можно; да пробаат да го актуализираат она што го сметаат за невозможно можеби само затоа што се обесхрабрени …

„ТМ“ е втор долгометражен филм од продукцијата на „МИ Филм“ што го потпишуваат Димитријевиќ и Иванов, по одличниот „Копање“. Снимен е буквално без буџет, за нула денари, што го кажуваме од почит кон вербата на екипата во филмот, а никако како оправдување за некакви фалинки во однос на филмската ‘полнокрвност’, какви што нема.

Кинематографер на „ТМ“ е Атанас Велковски, монтажата е на Мартин Иванов, а во улогите покрај Димитријевиќ се појавуваат Наталија Теодосиева, Димитрија Доксевски, Гораст Цветковски, Александар Ѓорѓиески, Драгана Костадиновска, Срѓан Јаниќиевиќ, Џано Куч, Кристијан Винклер, Александар Степанулевски, Сашо Алексиевски, Марко Крстевски, Владица Младеновски – Грга.

Од вчерашната премиера

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here