„Ех, кога ќе ми текне дека како тинејџер мислев оти дното се збирштини како ‘Backstreet Boys’ и слични …“ – е извадок што би требало да ги привлече да го прочитаат интервјуто со Здравко Гиров барем оние кои ја разбираат споменатата референца … и сакаат да проверат дали и кај нив исто влијаела инфлацијата на ваквите репери низ годините, истовремено добивајќи куп препораки за добро културно поминато време

Во мое време речиси сите деца читаа „Загор“, „Блек“, „Командант Марк“ … и релативно големи беа шансите преку оваа ‘врата’ да стигнат до Хуго Прат, Херман, Жан Жиро/Мебиус … и понатаму. Како денес се регрутираат фанови на стрипот? Мора ли прво да се сними филм според стрип?

Во ова време на хипер-продукција на стрипови, телевизиски серии (анимирани и играни) и филмови, не би можел со сигурност прецизно да одговорам на ова прашање. Пред сѐ бидејќи поголемите риби во светската стрип индустрија, во моментов терминираат голем број наслови и херои кои се веќе 45-50 години во оптег. Стрипот во светски рамки стана пропратна уметност на филмскиот, гејминг и бизнисот на играчки. Сепак, новите фанови се по „компјутеризирани“ отколку што беа генерациите кои претходно ги спомна. Зошто да читаат стрип со пример Wolverine кога сигурно има 3 верзии на 7 различни видео конзоли и понекоја на мобилниот, каде може да биде самиот/самата претходно споменат лик? Додадете на тоа дека сме уште во раните мугри на VR-от како достапна технологија за широките народни маси…

Што трпи, а што доби (ако доби) твојата работа во условиве на пандемијава?

Бидејќи веќе 2 години работам од дома и договорите и консултациите со клиентите се одвиваат претежно преку оваа или онаа комуникациска платформа, барем кај мене, не се осети посебен пресврт на рибарскиов живот наречен freelance. Имаше премногу добро МЕМЕ баш за претходната изјава да биде сфатена во попрецизен контекст. На кратко, изолацијата е дел од работниот опис на секој професионален цртач.

Кои автори – цртачи, писатели, режисери, музичари … ти се во културната ‘ротација’ периодов?

Па, Uderzo и Goscinny секогаш се во ротација, од стрип авторите. За писатели, конечно се наканив Asimov да го фатам. Како огромен фан на Frank Herbert, oд режисерите во моментов во фокус ми е Villeneuve и неговата адаптација на „Дина“. Периодов густирам музика од 30-тите и 40-тите. Ретро можеби, но во споредба со новокомпонираново … Ех, кога ќе ми текне дека, како тинејџер, мислев дното беа збирштини како „Backstreet Boys“ и слични…

Се сеќаваш ли кога првпат преку забава препозна уметност во стрипот?

Тешко да се каже. Знам дека научив да читам на 5 години благодарение на „Микиев забавник“, како и повеќето од моите врсници од градинка. Знам дека бев опседнат со „Блек Стена“ до мојата 11-та година. Со појавувањето на „Punisher Magazin” во 1989-та (мислам) во поранешната татковина, комплетно бев заразен од оваа уметност. Како дете кое брзо ги кршеше играчките дома, моите родители одлучија сериозно да олабават во понатамошно инвестирање во истите. Преостануваше цртањето како главен извор на забава. Во микс со претходно кажаното, првиот стрип го нацртав на 12-13 години.

„Давањето на душата“

Зборовите на кој сценарист/писател би сакал да ги илустрираш?

Оние кои ме знаат добро, веднаш ќе го знаат одговорот на ова прашање: Tolkien, Martin и Herbert. Од поскоро читаните/слушаните Dan Simmons со целата Hyperion сага и Orson Scott Card со неговата Enderverse сага.

Кога би бил селектор на уметнички дела што би биле пратени во Вселената кои би ги одбрал?

Од стрипови: „Watchmen“ – Alan Moore и Dave Gibbons, „Akira“ на Katsuhiro Otomo, цела колекција од Asterix и Silver Surfer … (има уште ама ќе се пополни место во капсулата).

Од скулптури: Давид на Микеланџело – пред сѐ поради посветеноста на уметникот. 30 и кусур години…

Од слики: „The Persistence of Time/Memory“ – Salvador Dali

Од албуми: „Dark Side of the Moon“ – Pink Floyd, „OK Computer“ – Radiohead и „Within The Realm of the Dying Sun“ – Dead Can Dance.

„Словенска опсада“

Здравко Гиров живее и работи во Скопје. Љубовта кон стрипот ја стекнал на рана возраст, а професионално се занимава со овој медиум од 2000-та година кога е публикуван стрипот ,,Плагијатор“ по сценарио на Давор Драмиќанин во стрип ревијата „Лифт“. Оттогаш наваму неговите стрипови се публикувани во низа македонски и странски стрип ревии и магазини меѓу кои „Стрип Арт“ (Македонија), „Стрип Креатор“ (Македонија), „Наш свет“ (Македонија), „Think Tank“ (Србија), „Синдром“ (Македонија) и други.

Освен како стрип автор, Гиров работел и како илустратор за издавачката куќа „Просветно Дело“, како и за „Арс Ламина“ и „Пчелица“ од соседна Србија; потоа како аниматор во „Storyboard Studio“; како илустратор, сторибордист и главен 2D аниматор во „Vertigo Visual“ od Скопје; и како сениор графички артист во „V House Animation“.

Во периодот 2008-2009 предавал карактер дизајн на факултетот за визуелни уметности ЕСРА во Скопје. Во 2009-та на македонскиот стрип форум ја започнал онлајн стрип школата, а во 2010-та со Михајло Димитриевски – „Тхе Мичо“, Давор Драмиќанин, Дамјан Михаилов, Ласко Џуровски и Игор Јовчевски го формирале здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“.

Во продолжение погледнете краток избор од понудата на ‘ателјето’ на Здравко Гиров. За повеќе посетете го неговиот блог

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here