Што сакам, а што од тоа треба да кажам, како уметник? И откако ќе си одговорам, како да го направам тоа за да ја постигнам потребната взаемност со публиката, за кажаното да биде забележано како вредно? Ова се основните прашања кои како и секој друг уметник си ги поставила Драгана Пендовска. И на својот завршен испит по предметната програма вајање на Факултетот за ликовни уметности (во Скопје) многу интересно ги решила.

За решението наречено „Кодови (~2302v/851h0/w3402/450×2/29l11 ~)“ дознавме во разговор со наставникот на Пендовска по предметот, ред. проф. м-р Наневски Гоце. Од кој и побаравме дозвола да го објавиме проектот.

„Најубави се моментите кога крајот од четиригодишното школување студентот го заокружува со издржан и релевантен проект кој веќе е сериозен тригер во понатамошното уметничко делување. На сите мои колеги им посакувам токму вакво задоволство и успех“, сподели со нас Наневски, под чие менторство Пендовска и дипломирала на Катедрата за вајарство на ФЛУ, на 17-ти месецов.

А „Кодовите“ поаѓаат од проблемот да имаш што да кажеш, да сакаш да зборуваш и да бидеш слушнат, при извесен ризик да останеш незабележан, неразбран, нерелевантен … Пендовска го решава не согласувајќи се со однапред зададените правила, туку велејќи му „да“ на она што смета дека е вистинскиот, нејзин начин на играње.

Таа е свесна дека „споделувањето на дел од себеси е основен клуч за градење на силна и здрава врска од секаков вид“ (вклучително и на уметникот со публиката и обратно). Под „себеси“ Пендовска го подразбира она што човека го „прави целосен, вистински; најинтимните делови што најмногу се обидуваме да ги скриеме“.

И свесна е дека за еден уметник тоа би значело целосна јавна изложеност, негово лично претворање во огромна ‘ахилова петица’, „особено во ова време кога сè е лесно достапно и лесно може да се разоткрие.“

За заштита во контекстот таа создала систем на кодирани дела – „код кој се состои од бројки и букви водени според еден редослед“. Ги изложила нејзините најинтимни „мисли, двоумења, емоции“, во истовреме знаејќи оти се на безбедно, додека клучот е само кај неа.

„Постои разбирање, интимен момент кој од многумина ќе биде почуствуван како близок, едно поврзување. Момент кога уметникот ќе одлучи да сподели дел од себеси со остатокот од светот. Би го нарекла тоа тајна која веќе не е една, со што ‘товарот од рамениците’ се оттрга само со едноставно споделување. На крајот резултатите од последователните ефекти од делото врз гледачите и нивните разновидни мислења честопати се изненадувачки. Тоа е цел што секој уметник се обидува да ја постигне со секое дело.“

Да сумираме: Пендовска е искрена докрај – ја вложува и изложува својата најдлабока интима. Која сепак ѝ останува заштитена. Но, не на штета на креацијата. Делата од „Кодови“ ликовно стојат самостојно, „сами по себе се опишуваат“ и „не се наменети да претставуваат нешто друго освен тоа што се“. Стамено ја носат пораката дека уметникот може да се соголи без да се изложи на излитените „провокативни“ начини за привлекување внимание (како јадењето неизлупен кромид од страна на гола уметница).

„Самиот код е сведен на информација – зборови кои не содржат метафора туку се буквално тоа што пишува (…) Концизна порака кодирана со цел да создаде илузија дека е безначајна/бесмислена. Со дадена вистинска секвенца се декодираат постојано променливите светла, со кои примателот може да ја отвори кутијата и да ја добие пораката која всушност била цело време пред него.“

Во продолжение погледнете за што зборуваме – под секое од делата е извадок од текстот на завршниот испит.

Рефракција

Делото ја претставува двојноста на мислењето, перспективите, точката која не е секогаш видлива, две страни од приказна.

Патувањето од една до друга точка, тие променливи бранови, но секогаш исти или слични на крајот. Неурамнет поглед и обратно значење.

Поставено во легната позиција со димензии 125×25 см., во облик-патерн на цик-цак. Тој облик е создаден од дрвените плочи – како цврста подлога, но битна е нивната форма-патерн на цик-цак во 90°, сѐ со цел рефлексијата од кодот точно да се пренесе на другото огледало (каде нема код). Исто огледалата – како помагатели кодот да се пренесе на следната површина, но во обратна смисла, да се достигне еден бран, промена на пораката – нејзината насока во текот при достигање на крајната дестинација.

Вон кутија

Пренос на секаков вид на информација, трепет кој означува константно движење, токму она во нашите умови, од еден до друг рецептор, брз импулс.

Поставено е на ѕид, во висина од 169 см. Кутијата – како носител на пораката (кодот) која е испишана на неа. Бројките и буквите – го сочинуваат текстот (кодот) кој ја пренесува пораката, воедно новосоздадениот јазик иако на изглед изгледа како нешто бесмислено.

Сините светилки – воедно може да се видат како помагатели за кодот да биде повпечатлив, читлив, а пак од друго гледиште со нивното треперење на некој начин се добива илузија на едно константно движење на бројките и буквите, како една секвенција, алгоритам (процес на правила кои треба да бидат следени). Исто така да се добие чувство како кодот да излегува вон кутијата, дека тој не е целосно заробен во неа.

Свитка

Поставена во средина на просторот врз бел квадратен постамент.

Светлината во делото е главниот атрибут, доловувајќи ја текстурата на свитката и продирајќи ја истата низ шуплините, оставајќи низа од интересни форми на светлина наоколу. Воедно таа е проследена и со звуци од секојдневието, еден тик, одминување и патерн. Звуци од чекорење, отчукување на стрелки од часовник и дожд. (Bluetooth звучник е поставен во внатрешноста на свитката)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here