Низа фактори во пандемијава влијаат многу ликовни уметници, без разлика на медиумот што го преферираат, почесто да земаат ‘обичен’ молив, и на најосновниот начин, на хартија, да си ја задоволуваат ургентната потреба од израз. Фактор може да биде потрошениот материјал што вообичаено го користат, додека не им се ризикува да одат по продавници за да си ги обноват залихите. Можеби и ателјето не им е каде што живеат, а поради мерките за ограничено движење морале да останат дома. Или пак некоја ургентна експресија произлезена од условите на целосно променета парадигма за секојдневен живот не може да чека четки, палети, платна, длета …, и бара ‘просто’ и брзо пренесување со молив на хартија.

Како и да е, веќе подолгиов период што е зад нас изборот на многу уметници бил и е моливот, сфатен во поширока смисла, заедно со хартијата. Ова го забележале од Центарот за цртеж (Drawing Center) на Менхетн и на 7-ми октомври ќе отворат изложба со над 100 цртежи направени во корона-ерата.

„Феноменот има врска со интимноста на медиумот и неопходноста од допир – физичкиот акт на ставањето на раката на хартијата – има нешто многу фундаментално тука. Особено во овој момент, кога трауматските услови се вкоренуваат во чувство на одвоеност, на изолација, и се има потреба од некој вид поврзаност“, е изјава на една од кураторките на изложбата „100 цртежи од сега“ (100 Drawings from Now), Клер Гилман.

„Набрзо откако почнаа мерките на изолација станавме свесни дека дошло до свртување кон цртање кај многу уметници. Некои цртаат редовно, но на некои од нив цртежот вообичаено не им е медиум“, додава таа.

Меѓу уметниците кои се дел од изложбата се истакнуваат Маурицио Кателан, Пол Чан, Сесили Браун, Роберт Крамб, … , и Пол Џијамати, многу саканиот ни актер (особено од „Sideways“, „American Splendor“, „Storytelling“, „Private Life“) кој, како што вели, „долго сакал да биде некој вид уметник – карикатурист или илустратор“.

„Не баравме дела што нужно адресираат одредени идеи. Сакавме да добиеме сосем природен портрет на времето. Секој има нешто да каже во контекстот“, вели кураторката Гилман осврнувајќи се на темите на цртежите што ќе бидат изложени во Центарот за цртеж, од кои дел можете да видите во галеријата најдолу.

А сега за цртежите што многу нѐ израдуваа, од нашите Аница (Китаноска), Мила (Добревска), Мишо (Стојановски) и Ева (Петковска), направени ептен тазе: вчера, на првиот ден од овогодинешниот Inktober.

Чија приказна ја почнал американскиот стрип-цртач, илустратор и аниматор Џејк Паркер, во октомври 2009-та, кога си поставил предизвик во споменатиот месец да ги унапреди своите цртачки вештини со алатки ‘на мастилен погон’, водејќи се и од советот на многу професори по цртање кои често ја цитираат препораката што му се припишува на старогрчкиот уметник Апел: „Ниту еден ден без линија“.

Оттогаш секој октомври предизвикот на Паркер – соодветно наречен ‘мастилен октомври’ = Inktober – го прифаќаат илјадници уметници низ светот кои својот ‘напредок’ го споделуваат на социјалните мрежи.

Е, сега, погледнете ги брилијантните цртежи што на првата тема од овој Inktober – а имено „риба“, ги сработиле Аница, Мила, Мишо и Ева.

УЖИВАЈТЕ!

А сега погледнете и избор од „100 Drawings from Now“:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here