Така беше пред „Syro“, слична кампања му претходеше и на „Collapse“, а и сега, поточно претходнава недела, иконичното лого на Aphex Twin, овој пат во нова, црвена изведба, се појавило на јавни простори во Лондон, Берлин, Бристол и Лос Анџелес. И ние се понадевавме дека ова значи најава за нова музика потпишана од некој од алиасите на Ричард Д. Џејмс.

Но, проектот е поврзан со британскиот производител на музичка опрема Novation, кој на своите профили на социјалните медиуми вчера објави фотографии од логото на билборди и постери во соодветни амбиенти на четирите града од кампањата. И порача дека за повеќе информации треба да почекаме до 20-ти месецов. Со оглед дека Aphex веќе соработуваше со компанијата на синтисајзерот Bass Station II (за додавање на AFX Mode), очекувањата се оти и новата колаборација ќе биде софтверска, хардверска или и двете.

Првпат ова ново црвено лого се појави на изложбата со која на крајот на јули одново беше отворен (пост-карантински) Музејот на дизајнот (Design Museum) во Лондон, која ја следи еволуцијата на електронската музика, особено низ призмата на заемноста и проникнувањето со дизајнот (Electronic: From Kraftwerk to The Chemical Brothers). Логото можеше да се види на штандот на соработникот на Aphex Twin во делот на визуелизациите, маестралниот Weirdcore. И тоа произлегува од визуелниот идентитет што Weirdcore му го даде на горе споменатиот EP албум „Collapse“.

Штандот на Weirdcore (гледај во горниот десен агол)

Но, останува и тоа дека Aphex по соработката со Korg (исто така поврзана со синтисајзер на јапонската компанија) објави колекција траки наречени токму така – „Korg Trax“, па можеби сепак треба да се очекува и нова музика од него.

Како и да е, ќе почекаме 12 дена, па ќе видиме.

„T69 Collapse“, Aphex Twin

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here