Пишува Александра Ристески

Долго време, цели 22 години поминати од првата епизода, женскиот дел од публиката очекуваше своевидно продолжение на својата ‘библија’ – „Сексот и градот“. Конечно доби ветување со најавата на новата серија потпишана од истиот креатор и шоуранер, Дарен Стар (Darren Star). А на втори октомври „Емили во Париз“ ја имаше својата премиера на Netflix.

Но, дали го исполни ветувањето? Ммммммм … Да, почнеме од почеток:

Емили Купер е млада жена која ја добива својата животна понуда во кариерата кога матичната компанија од Чикаго, неочекувано, ја испраќа кај своите соработници во Париз, да им ја донесе „американската гледна точка“. Емили работи во областа на маркетингот, практично како промотор преку социјални медиуми, но на нејасно дефинирана позиција. Иако нејзините идеи соработниците ги сметаат за генијални, како гледачи не видовме ништо повеќе од споделување на храната која се конзумира и некои обични животни ситуации на Instagram, нешто што искусните ‘инстаграмџии’ го прават веќе години наназад. Притоа, сите успеси на Емили, и покрај нејзината амбициозност, се резултат на таква ноншалантност и вадење ‘од ракав’, што серијата во еден замав го побива американскиот вековен слоган за напорна работа која те води до успех.

Ликот на Емили го глуми преслатката ќерка на славниот музичар Фил Колинс, Лили Колинс (Lily Collins). И … И тука завршува сѐ. За разлика од неа, Сара Џесика Паркер (Sarah Jessica Parker), која при почнувањето на снимањето беше речиси на идентична возраст со Лили, рани 30-ти години, во ликот на Кери успеа да олицетвори идол на генерации од 15-55 години – и во периодот кога се емитуваше – и сега, 20 години подоцна.

Серијата, „Емили во Париз“ има неколку актери – исклучително харизматични како појави, но поради сценаристички бледо оформените ликови кои ги толкуваат, остануваат само убави лица од малите екрани.

Камил Разат (Camille Razat) го толкува ликот на галеристката Камил, другарка на Емили, која што момчето ја изневерува токму со Емили.

Неверниот дечко на Камил – професионалниот готвач Габриел, го толкува Лукас Браво (Lucas Bravo).

‘Луцкастиот’ колега на Емили, Лук, кој го толкува Бруно Гвери (Bruno Gouery), и уште неколку други.

Облеката зазема централно место и во двете серии. Меѓутоа, додека во првата серија истата е толку иконична што стајлингот на главните ликови постанува ‘личност’ сам по себе; во втората серија стајлингот е бледа копија на имиџите од филмот „Американец во Париз“ и „Сексот и градот“. Не секогаш е доволна само храброста да облечеш навидум неспоиви парчиња и бои облека (најчесто потпишани од сигурниот избор – Chanel). И, да! Што е работата со белите чизмички кои ги има во речиси секоја втора сцена?!

Дијалозите од „Сексот и градот“ проткаени со здрав хумор ги прераскажувавме со пријателките уште на првата средба по секоја изгледана епизода, а и денес, често ќе се присетам на истите во дадена ситуација. Дијалозите од „Емили во Париз“ „нѐ научија“ на клишеата за Франција: Беретки. Кроасани. Багети. Непријателски келнери. Раздразливи вратари. Љубовници и прељубници.

Кога сме веќе кај клишеата, серијата изобилува со истите и кога се во прашање навиките на Французите, како палење цигара веднаш по завршување со фитнесот, наизменично бакнување во двата образи при секоја ситуација, па и при првото запознавање, фирмираните, нељубезни снобови и т. н.

Во „Емили во Париз“ е направен обид за зачинување на приказната со љубовна подприказна, полна со пресврти, но крајно неуверливо изградена. Ниту во еден момент истата не нѐ натера да навиваме, како што го правевме тоа за ‘Ѕверката’ и Кери (колку нѐ вознемири сцената кога Кери му посакува на Ѕверката „среќен брак“ со зборовите „твојата сопруга изгледа преубаво“).

И, додека „Сексот и градот“ ни сведочеше за другарска лојалност, професионалност во работата, за откривање и уживање во убавините на животот во целиот раскош на ‘главниот град’ на светот; љубов (или кога веќе се работи за Њујорк, опиеност од љубов) кон градот во кој си дошол да живееш и почит кон неговото востановено секојдневие; исконската потреба на човекот за потврдување на сопственото постоење во чиј корен е жедта за љубов (дури и за Саманта, која истиот факт одбиваше да го признае речиси до пред самиот крај на серијата); убавината на созревањето и учењето од сопствените и од туѓите грешки; како и одбивањето да созрееш во оние области во кои сакаш да останеш ранлив и детинест, за да можеш поинтензивно да ги чувствуваш; барањето и пронаоѓањето на себе, како услов за реализирање и уживање во љубовта – во сите нејзини форми.

„Емили во Париз“ ни овозможи, делумно, да уживаме во убавините на Париз и нѐ испрати без ниту една порака, ниту една утврдена „света“ вредност, оставајќи, единствено, можност за нејзино продолжение.

На крајот, останува надежта дека во блиска иднина ќе се појават достојни наследнички на Кери, Миранда, Шарлот и Саманта…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here