И ние сме меѓу многумината кои од обезбедувањето биле принудени да протрчаат низ Систинската капела, додека сакале за фреските на Микеланџело да имаат време како кардинали на долга конклава.

А за оние кои имале можност да си приуштат приватна тура (над 5.000 евра) и пак не им било доста од „Страшниот суд“, англискиот издавач Callaway Arts and Entertainment на 1-ви ноември ќе пушти во продажба тритомно издание – „Систинската капела“ (The Sistine Chapel) – во кое фреските ќе можат да се видат во нивната реална големина (1:1), со квалитет како да сте таму, и тоа на скеле како чирак на некој конзерватор.

Зошто алудиравме на богатите поклоници на Микеланџело? Зашто трите книги со димензии 60 х 43 сантиметри и вкупно 822 страници, со повез од свила и телешка кожа, чинат 22.000 долари.

„Сѐ можете да видите во реална големина, на дофат на раката, како да сте птица што седи на рамото на Микеланџело“, вели директорот на Callaway Arts and Entertainment, Николас Калавеј, пред да додаде: „Ако изданието го гледате како дел од кралството уникатни нешта, или го ставите во контекст на пазарот на уметност, 22.000 долари не е скапо уметничко дело“.

Трите тома вклучуваат најпрецизни фотографии на фреските на Систинската капела досега, тврди Калавеј. За целта шеесет и седум ноќи едноподруго, стручен тим ги фотографирал не пропуштајќи ниту милиметар, користејќи опрема што е ‘последен збор’ на технологијата.

270 илјади слики биле споени и испечатени со 99,4-отстотна верност на боите на фреските. Првиот том е „Фреските од 15-тиот век“ (каде може да се видат и делата од Систинската капела на Ботичели, Перуџино, Гирландајо …), вториот се вика „Сводот“, а третиот „Страшниот суд“.

„Сега повеќе од кога и да е, кога можностите за патување се ограничени, а огромното количество дигитални слики ни ги заморува очите, овие величествени томови можат да послужат како тоник за душата. Без разлика дали ќе го гледате како триумф на фотографијата или како луксузно богатство, ова дело мора да се посакува, и за најсреќните, да се поседува“, пригодно го цитира издавачот на својот веб-сајт и историчарот на уметноста Роберт Сајмон, кој во 2005-та ‘го откри’ загубеното дело што му се припишува на Леонардо да Винчи, „Спасителот на светот“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here