Рестартирањето на изложбената активност во Палатата Албергати во Болоња по над петмесечната пауза, не можело да биде одбележано на посимболичен, понепокорен во однос на „новата нормалност“ начин – со ремек-дела позајмени од друга држава во корона услови, од кои дел никогаш досега не го напуштиле својот матичен музеј од основањето во 1934 година.

Делата се позајмени од парискиот Музеј Мармотан-Моне, познат како „дом на големите импресионисти“, со акцент на Клод Моне.

А изложбата што ја сочинуваат соодветно го носи името „Моне и импресионистите – Ремек-дела од Музејот Мармотан-Моне“; и низ дури 57 експонати нуди најбрз бескомпромисен начин да се осети развојот на светски најомилениот правец во уметноста – импресионизмот.

Ова, нормално, не ни помислија да го пропуштат нашите Ева (Петковска) и Мишо (Стојановски); не само зашто се во блиската (до Болоња) Равена.

И со нивната импресионираност од виденото нѐ ‘натераа’ и вака да им ги споделиме впечатоците. Иако за истите повеќе можеше да се заклучи од озареноста со која зрачеа во видео повикот Равена-Скопје (а не можеме да ја пренесеме).

Ја испофалија поставката на изложбата која овозможила совршена прегледност, односно уживање и покрај мерките за заштита од Ковид-19 со кои е ограничено времето за разгледување.

Потоа и „комплементарниот контраст“ на делата на „париските уметници за кои бил тесен канонот на академското сликарство“, со барокните фрески во Палатата Албергати.

Во која доминираат (до затворањето на изложбата на 14 февруари 2021) дела на Моне, но може да се видат и потпишани од (Едуар) Мане, Реноар, Дега, Камиј Коро, Сињак …

Од серијата „водени лилјани“ на Клод Моне …

… и „Езеро видено низ дрва“ на Камиј Коро

И, секако не пропуштија да ги споменат делата што ги виделе од Монеовата серија „водени лилјани“, заедно со „јапонскиот мост од градината на Моне во Живерни што ‘цел живот’ ги сликал, за да се види дека никогаш не се исти, оти секогаш се работи за миг, фатен како никаде на други платна (…) зашто никогаш не престанале да го фасцинираат промените, играта на светлината во тек на денот, со сите варијанти што ги додаваат атмосферските промени, во различните годишни времиња …“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here