„Има место за оптимизам, тоа го покажува масовното учество на млади македонски автори на интернационалниот стрип конкурс организиран од наша страна (повеќе од половината беа токму нивни стрипови). Создаваме стрип јадра и во уметнички училишта и академии. Создаден е процес и нема запирање, а на стрип авторите може само да им порачам: помалку зборење – повеќе работа“, вели координаторот на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, Томе Трајков, во интервјуто што следи

Кога и како се поврза со стрипот, дотолку што со години му посветуваш многу време и енергија и тоа во неблагодарните услови на земјава?

Како и сите други од тие генерации инфицирани од „филмот на хартија“! Татко ми, како наставник по историја, ми ги носеше дома историските стрипови на „Никад робом“, поврзани со македонската историја. Како дете многу читав, а редовно се купуваше и „Политикин забавник“. Тоа беа оние стрипови кои во себе содржат историја, географија, антропологија … стрипови од кои можеше нешто да се научи. После дојдоа Загор, Блек, Алан Форд, „Наш свет“, па „Млад борец“. Не се срамам да кажам дека, најмногу поради стриповите, научив некои јазици кои сега за нас се странски: српски, хрватски … Правам искрена дигресија и потврдувам дека некои сегашни стрип преводи на македонски јазик го немаат тој шмек споредбено со други, најилустративен е случајот со „Алан Форд“!

Посветеното време и енергија ми се стекнати од мојот ангажман во други здруженија. Бргу се примени можноста која ја дава стрипот во пренесувањето на пораки и обработката на социјални теми. Лично со Стрип центарот соработувам од 2004 г. преку некои проекти за интеретнички односи, а со Ване Трајков се знаеме одамна. Директно се вклучувам во 2006 г.

Предизвикот е прифатен, а да бидам искрен, голема сатисфакција ми дава и можноста за меѓународна комуникација. Јас првпат извадив пасош во 2007 г., поради проектот „Балкански стрип мост“, инициран од моја, а имплементиран од страна на Стрип центарот на Македонија.


Селектор и промотор на македонскиот стрип во Ваљево, Србија

Каква ќе беше состојбата со домашната стрип продукција да не постоеше Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес?

На стрип салонот во Велес во 2006 г., од страна на сега пореномирани, македонски стрип автори, се слушнаа бројни комплименти за организацијата и за Ване Трајков, величајќи ги „до небо“. Од тогаш знам, а после се потврдуваше дека:

– Да не постоеше СЦМ некои тогаш млади автори немаше да добијат шанса иако нивниот талент не беше секогаш прифатен од страна на оние повозрасните;

– Немаше да има можност за поврзување и контакти со стрип автори, организации и фестивали, каде се сега редовни гости;

– Да не постоеше СЦМ немаше да постои канализирана застапувачка дејност пред институциите и јавноста, за подобрување на стрип состојбата кај нас;

– Немаше да има толкав број на стрип настани, а со тоа и написи за стрип, што секако предизвикуваат голем интерес во јавноста;

– Да не постоеше СЦМ немаше толку да се афирмира социјалната примена на стрипот како алатка за изразување;

– Немаше кој директно да укаже на некои аномалии внатре во македонската стрип сцена, колку тоа да биде болно. Последиците од такви појави како баснословни суми за стрип проекти од кои нема ни траг ни глас, потоа прикриен рекет за пари и награди, па поистоветување на една група со целокупната македонска сцена, па навредите кон стрип дејци од страна на некои лица кои не се ни автори, ниту организирале нешто … уште се чувствуваат!

Дали си ‘човекот во сенка’ на Mакедонскиот стрип центар?

Можеби имам повеќе расположливо време да се бавам со ангажман. Можеби како човек со теоретски знаења и практички искуства во НВО секторот имам поинаков пристап во работата. Можеби е подобро што не сум уметник со истоветна суета, па некојпат испаѓа дека го имам компасот во мои раце. Но, развојот на Стрип центарот ми дава за право дека моите ставови и залагања биле исправни, без да испадне, ,не дај Боже’, ситуација „Калиф уместо калифа“ (од стрипот Изногуд) или некоја реакција на тоа (два пати ‘не дај Боже!’).

Во Албанија; со министерката за култура Мирела Кумбаро и членовите на интернационалното жири и на организациониот тим

Дали досегашното искуство од функционирањето на Стрип центарот остава простор за поентузијастички очекувања од иднината на македонскиот стрип?

Постојат и позитивни и негативни искуства, некои се внатрешни, некои не. Во минатото интервју веќе укажав на појавата на преголема суета во дел од македонската стрип сцена, потоа „тактизирањето“ кај некои автори (повеќе или помалку реномирани) коишто чекаат погодна прилика (материјална) да се бават со стрип. Но, стрипот едноставно се црта, нема активно или пасивно бавење со него.

Ќе го споменам и „тактизирањето“ и немањето слух за соработка кај некои асоцијации коишто имале изведено проекти за неколкудневни стрип училишта. И тие асоцијации и ангажираните едукатори (некои и професори на Академија!) наоѓаат секакви причини за да не ни достават контакти со пројавени таленти за да ги анимираме и поблиску внесеме во стрип светот преку: учество на разни конкурси, фестивали, смотри и слично. Нужно се поставува прашањето – ЧУМУ ТОГАШ СЕ ОРГАНИЗИРАЛЕ ВАКВИ АКТИВНОСТИ?

Што се однесува до Стрип центарот, тој треба да е свесен дека е најблиску до улогата на ЧАДОР организација на македонскиот стрип. Треба да продолжи тој татковски однос кон другите новоформирани стрип асоцијации кај нас, во нивните списанија и натаму ќе има стрипови преку контакти остварени на наши проекти. Без оглед што тие списанија се еден вид конкуренција на нашиот „Стрип креатор“! Но, рака што дава не се суши!

Постои предизвик за преиспитување на нашите амбиции и кадровски потенцијали, но и новини во организационата поставеност. Треба да се има ограноци во сите градови, мрежа на организации кои го применуваат стрипот. Соработка со наставници и училишта – како јавни, така и приватни училишта за цртање.

Секако дека има место за оптимизам, тоа го покажува масовното учество на млади македонски автори на интернационалниот стрип конкурс организиран од наша страна (повеќе од половината беа токму нивни стрипови). Создаваме стрип јадра и во уметнички училишта и академии. Создаден е процес и нема запирање, а на стрип авторите може само да им порачам: помалку зборење – повеќе работа.

Велешката стрип колонија е една од само двете од овој вид во Европа. Ова би требало да биде адут за игра и поширока од регионалната. Што треба уште за колонијата да добие и една ваква валоризација?

‘Скаутинг’ на млади стрип автори

Освен нас, ваква стрип колонија има само во Рашка, Србија, но, овдека има поголема традиција. Стрип центарот редовно делегира учесници од 2015 г. Благодарност до организаторите што нѐ следеа како Стрип центар и македонска стрип сцена и редовно повикуваат (освен се разбира последново лето кога заради Ковид-19 обете колонии не се одржаа). Се создадоа пријателства коишто траат.

Стрип колонијата во Велес беше организирана 2018 и 2019 г. Разликата меѓу овие две стрип колонии е што таму учесниците немаат обврска да завршат стрип (како кај нас). Но, на колонијата во Рашка се организираат предавања, промоции и слично. Она што е заедничко за обете колонии е ангажирањето на реномираниот стрип автор и педагог од Белград, Влада Весовиќ.

Во Велес сепак во 2019 г. имавме гостинка од Финска, нашата пријателка Кирси Салонен, што значи дека веќе оваа колонија излегува од балкански рамки.

На прашањето околу поголемата валоризација на нашата стрип колонија, мислам дека треба да се реализираат некои предуслови: прво, старата приказна за поголема поддршка од страна на држава, власти, донатори. Второ, една мала реорганизација со тоа од стрип колонијата да се издвои организирањето на интернационалниот стрип конкурс. Тоа се две различни работи. Решение се бара во организирањето на уште една поголема манифестација, со тоа македонската стрип сцена ќе биде поафирмирана кај нас и пошироко.

Омилена стрип ‘лектира’ која по последното препрочитување чекаш да ја подзаборавиш за да можеш пак гладно да ѝ се вратиш?

Македонски стрипови, односно стрипови од македонски автори, посебно од поновата генерација! Малку личи на професионална деформација, но, штом човек е сосема посветен и учествува во развојот на македонската стрип сцена, тогаш истата станува дел од него.

Уживам следејќи го напредокот на македонскиот стрип којшто од талентиран треба да стане квалитетен. За тоа треба повеќе труд и посветеност од секого, како и реално согледување на работите. Уживам гледајќи го подобрениот квантитет и квалитет на нови имиња и таленти коишто, лека полека го заземаат своето место.

Околу стрип лектирата неизоставно секогаш се враќам на стрип проектите, односно проектите за стрип манифестации и активности кај нас (мала шега!).

Не сум фан на американскиот акционен стрип, европскиот – да! Најмногу го сакам балканскиот стрип, т.е поранешните ЈУ простори. Но, како верник христијанин внимавам на сценаријата на стрипови кои треба да го предизвикаат моето внимание.

Почесен член на косовската стрип асоцијација „Thumbi“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here