Пишува Александра Ристески

Две мини-серии кои ми го привлекоа вниманието есенва се „Слом” (како што HBO го преведува „The Undoing“) и „Дамски гамбит“ („The Queen’s Gambit“ на Netflix).

„Слом“ на Дејвид Е. Кели, креаторот на „Големи мали лаги“ (Big Little Lies), во првата епизода најави квалитетна, стегната трилер приказна, сместена во атмосферата која го опкружува животот на њујоршката елита; вечери со импресивни погледи од облакодери, уживања во океанскиот воздух со занемувачки пејзажи, домови во кои доминира масивно дрво, мермери, позлати; со ѕидови кои ги красат дела на Френсис Бејкон, Вилијам Тарнер, Хуан Грис, а се споменува и ‘до вчера’ најскапиот Дејвид Хокни; каде дедото откако ќе падне на блефот на зетот дека моментално не се баш при пари, без проблем му подарува пола милион долари, а ќерката за тоа воопшто и не знае; и, соодветно, сите ликови се во високо стилизирана гардероба од свила, кадифе, кашмир …

Но, во втората и третата епизода, приказната се разводнува со неуверливи клишеа дека никој не е во суштина она што изгледа дека е. Дали ќе успее да го поправи впечатокот и да го исполни ветувањето од првата епизода; или сѐ ќе се сведе на маестралната глума на Никол Кидман и други од актерската екипа, ќе видиме во наредните три понеделници.

„Дамски гамбит“, на креаторот Скот Френк кој и ја режира серијата базирана на романот на Волтер Тевис, ќе ве воведе во и заведе со магијата на шахот, без да имате потреба од претходни познавања за играта. Иако приказната е предвидлива и раскажана ‘здодевно’ линеарно, изобилува со љубов и особено со страст кон шахот, а е втемелена на потребата барем еден сегмент од животот да се држи под контрола. Снимена пресметливо до најмалиот детал како добра партија шах, секоја сцена претставува високо стилизиран кадар, со мајсторски употребени бои и музика, кои се менуваат во согласност со емотивните доживувања на главниот лик, сирачето Елизабет Хармон, совршено олицетворен од актерката Ања Тејлор-Џој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here