Има добри, сликовито прецизни изрази, кои стануваат клишеа кога се употребуваат без доволно покритие. А нема да биде празна фраза кога Емилија и Стојче Тоциновски ќе ги наречеме прекрасни луѓе. Уште на првата средба со нив човек се чувствува добредојден, разбран, па дури и сакан. Сето ова јасно се отсликува во нивната уметност, многу поведра, посветла, отколку што може да се претпостави кога се гледа во нејзината длабочина. Уверете се од галеријата што следи по интервјуто со ликовните уметници и сопружници, Тоциновски

Кој или што ви е најголем учител во уметноста?

Најголемиот учител сме самите на себеси, но сепак научивме многу преку образованието и професорите. Работата нѐ калеми – нова слика, нов предизвик. Постојано преиспитување, истражување, потрага по себе како автор; што ве привлекува, експериментирате, играте со формите; секако, следејќи ги и светските трендови – тоа е она што нѐ движи и подобрува.

Големите уметници се познаваат по нивните лица истрошени, уморни и со големо смирение, без гордост иако се на врвот. Поминале низ сè, од глад до луксуз. Тие живеат за уметноста и не се врзани за ништо земно. Ние барем така ги доживуваме.

Кои автори – ликовни уметници, писатели, режисери, музичари … – ги уживате периодов, а кои ви се на вечната листа?

Во овој период уживаме во сите уметници кои се на врвот, тие се беспрекорни; ќе наведеме само неколку, а тоа се: Џeф Кунс, Дејмиен Хрст, Јајои Кусама итн.

А, на нашата вечна листа се Малевич и Пикасо, Кјубрик и Кишловски, Пинк Флојд и Рамонс, Џек Лондон и житијата на светителите.

Карактеристично, сликате двајцата на едно платно. Што подразбира тоа? Усогласување во смисла на контрапункт; или синергијата ви е таква што кога треба да се надоврзете еден на друг, вложувајќи го и своето во делото, имате чувство дека продолжувате каде што сте застанале?

Кога двајца создаваат заедно, тоа подразбира немање на суета, его; искреност, взаемен раст, стремеж кон совршенство, симбиоза и синергија, многу љубов и трпеливост. Додека работиме владее тишина, заедничка кохезија, само нашата концентрација и креативност се менуваат во зависност од расположението. На почетокот започнавме со скици, но подоцна целиот процес стана спонтан и усогласен, надополнување и усовршување. Столе е мирен, со чисти плохи, а Еми е експресијата, таков е нашиот нерв.

Се занимавате и со педагошка работа. Имајќи предвид дека мудрите учители учат од своите ученици: што давате, а што добивате во процесот?

Ние не се сметаме за учители, тоа е голема одговорност, но за да работите со деца треба да ги сакате децата, да се спуштите и искачите на нивно ниво и да воспоставите контакт со секого. Им се посветуваме претежно во ликовниот дел, но истовремено читаме текстови за уметници, режисери, дизајнери, препорачуваме филмови и аниме, добра музика и книга, а честопати зборуваме за духовни и морални вредности.

Учењето е меѓусебно, тие се чисти души кои искрено ви одговараат. Искреноста е најважна и тие ќе се отворат, а исто така и вие. Добиваме многу повеќе од она што го даваме, а тоа е нивното задоволство и насмевка што научиле и добро си поминале.

Во вашето уметничко студио продавате исклучиво ваши дела. Цените ви се повеќе од популарни, а купувачот добива оригинално авторски дело потпишано од двајца академски уметници. Кажете ни нешто и за галериската работа.

Нашето студио е работно катче каде постојано изложуваме наши дела, нови колекции и инспирации. Секогаш е пријатно да се седи во него, отворено за луѓето за добар разговор, пријателство и афирмација на уметноста. Креирањето и презентирањето, односно уредување на делата е најлесниот дел од работата, додека најтешкиот е бизнисот.


LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here