Конечно ја дочекавме вчерашната премиера на „Триесет парички“ (30 Monedas) на Алекс де ла Иглесиа. Колку нетрпеливо, толку и релаксирано во поглед на очекувањата. Зашто филозофот по диплома и ‘стрипаџија’ во животот уште од детските години, Алекс де ла Иглесиа, кој е креатор, режисер и косценарист на серијата „Триесет парички“, одамна цврсто си го има фрлено стилското сидро на место што е само негово, односно препознатливо само за него; а горе, на површината, бурите од негови филмови, сеедно му е што жанровски се препознаваат и ограничуваат како црни комедии. Ако сте гледале и само еден негов филм, јасно ви е за што зборувам („Денот на ѕверот“, „Барот“, „Последниот циркус“ …). Или ви се допаѓа или не. Нам многу.

Серијата што ја претставуваме, а тој повеќекратно ја потпишува, поаѓа од ‘проста’ премиса: триесетте сребреници за кои Јуда го предал или продал Христос, како сакате; се ‘цената’ што и Бога може да го натера да страда, по желба на оној што ги поседува. Секако, ваква моќ на пробивање на Божјата семоќ немаат било кои сребреници, туку само конкретните што пред повеќе од две илјади години Јуда ги примил како награда; и ги вратил откако видел дека предал невина крв, како што вели Евангелието, фрлајќи ги во храмот; а потоа и се обесил, па на крајот, првосвештениците, кои не сакале да стават проклети пари во црковната каса, со нив ја купиле грнчаревата нива, која оттогаш се вика крвна.

Ќе речете прилично површна, неуверлива, Ден-Брауновска експлоатација.

И ние ќе се сложиме; како и самиот Алекс де ла Иглесиа, кој во своја ‘одбрана’ вели: „Сакам кога детинестото убаво ќе се сплете со нешто многу длабоко.“

Алекс де ла Иглесиа

Зашто Де ла Иглесиа во „Триесет парички“ се навраќа на една од своите омилени теми, ‘натемаго’; а тој е, нели, во ‘деталите’. Па, во одбрана на култниот шпански режисер и ние ќе кажеме дека тој прави ‘претрес’ на темата поврзана со натемаго; имајќи предвид оти публиката, и онаа која нема некоја посебна склоност кон ‘духовност’, многу повеќе може да ја возбудат ‘мистики’ како „Кодот на Да Винчи“; од автентичната христијанска мистика која е многу ‘пологична’; многу помалку му пркоси на здравиот разум, или, ако сакате на „мудроста Атинска“ на апостол Павле. Луѓето кои ‘веруваат’ во окултната или ‘темна’ моќ на сакралните предмети од видот на пехарот познат како свет грал или копјето со кое му биле прободени ребрата на Христос, не веруваат дека во официјалните верски обреди сличните ‘реликвии’ си ја вршат светотаинската функција. Зборуваме за публика која кога веќе се обраќа за помош на некоја духовна инстанца, попрво би отишла на бајач, отколку кај свештеник.

Сето тоа продолжува да го забавува Алекс де ла Иглесиа, а тој и со „Триесет парички“ докажува дека е мајстор на ист начин да ни го пренесе. Вообичаено не недостасуваат комични, карикатурално прикажани ликови, од чие спарување произлегува карактеристичниот хумор за Де ла Иглесиа; кој пак ниту најмалку не пречи да се остане во мистиката почната од првата минута.

„Се потпирав на Карпентер, на апокрифните ‘евангелија’, на средновековната филозофија, на Верховен (…) на Вилијам Питер Блати – „Егзорцист“ ни е постојан урнек (…) сакам чудовишта, а многу ни се допаѓаат и серии од Б-продукција …“, се зборови на режисерот.

Кој во интервју по повод серијата вели дека идејата му била да ги спои опседнатостите и параноите поврзани со хоророт, фантазијата, верата … светот околу нас.

„Што и да видиш порекнувај. Затвори го својот ум“, вели еден од главните ликови, свештеникот Мануел Вергара, во една натприродна ситуација, но како да алудира на сѐ она со што нѐ зашеметува ‘реалниот’ свет; сѐ она привлечно ‘шарено’, ‘светкаво’, ‘ѕвечкаво’ … , што го гледаме како такво кога е осветлено од екраните на нашите телефони.

„Тргнете ги (не снимајте) со мобилните. Додека не дознаеме што се случува“, во друга ситуација, а индикативно во контекстот, предупредува другиот главен лик, градоначалникот Пако, кому епизодисти му одговараат: „Да не ставаме ниту на Фејсбук?“.

А за „заговор што води до општ хаос, што го гледаме секојдневно, и што не е ништо ново“, зборува во споменатото интервју и самиот Алекс де ла Иглесиа. Безрезервноста на нашата препорака по само една излезена епизода ќе ја поткрепиме со податокот дека секоја е конципирана како филм.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here