Дилемата со која Александра Ристески го завршува својот краток осврт на еден од есенските хитови на HBO, мини-серијата „Слом“ (The Undoing), е разрешена во корист на телевизиската мрежа, односно на публиката – одгледаните последни три, од вкупно шесте епизоди, успеаја „да го поправат впечатокот и да го исполнат ветувањето од првата епизода“, да ја ‘парафразираме’ Ристески.

Но, луѓето кои ‘поживо’ ги интересира ликовната уметност, а кои ја гледале „Слом“, секако забележале дека приличен број дела на големи уметници (и од аспект на историјата на уметноста) просто ‘бодат очи’ во повеќето сценографии. А би било сериозен пропуст, во смисла на непотребно расфрлање, кога за толкавото форсирање на врвни платна (споменато и во освртот на Ристески) креаторите на серијата не би имале објаснување.

Но, и тука „Слом“ не потфрла – во интервју за Artnet News, режисерката Сузане Биер ‘докажува’ дека делата на Кунинг, Ривера, Грис, Тарнер … , па, дури и споменувањето на Хокни, биле многу повеќе од декор соодветен за домовите на богатите њујорчани.

На Данкинката која е и една од извршните продуценти на „Слом“ (добитничка на Еми, Златен Глобус и Оскар за поранешни трудови), не ѝ се туѓи ниту сценографијата и архитектурата. Нејзината креативна визија во голема мера ја обликувала естетиката на „Слом“.

Сузане Биер со ‘убиецот’ Џонатан (Хју Грант)

„Ги сакам сите уметници кои некако го допираат лудилото што значи да се биде човек“, изјавила таа за Artnet News.

Според нејзините зборови, употребата на уметноста во „Слом“ била посебно осмислена за да отвори важни прозорци кон ликовите, за нивно посуптилно профилирање.

На пример, на донаторската забава во домот на супер богатите Спенсерови се споменуваат дела на до неодамна најскапиот Дејвид Хокни, кои како гледачи не ги видовме: „Сложено би било лиценцирањето“, објаснува Сузане Биер. Но, таму изобилуваше друга современа уметност која изгледа познато и супер скапо. Блескавата колекција на Спенсерови, објаснува режисерката, требало да контрастира со уметноста во домот на исто така богатиот, но не толку, Френклин (одлично одигран од Доналд Сатрленд). Неговата збирка, вели режисерката, можеби не е толку „ин“ во моментов, но е прилично скапа.

„Очигледно сигнализира богатство, но и прави голема разлика (во однос на Спенсерови). Го сакам Хокни, но колекцијата на Френклин е повеќе лична, лично одбрана и курирана. Супер скапиот дом на Спенсерови личи како да го организирале дизајнери на ентериер, додека кај Френклин се чувствува оти уметноста ја купувал самиот.“

Другото барање на Биер во однос на уметноста било истата да биде препознатлива, но не очигледна.

Со цел да се создаде чувство кај гледачот дека Френклин ја градел својата колекција лично, долг временски период, тимот на Биер барал дела од познати уметници што се некарактеристични или не се доволно познати.

Во неговата колекција се, на пример, „Врата до реката“ (1960) на Вилем де Кунинг, „Запатиста пејзажот“ (1915) на Диего Ривера, „Оброкот на лавот“ (1907) на Анри Русо и „Отворениот прозорец“ (1921) на Хуан Грис. Со овој пристап се постигнало да се остане во рамките на изведливото во реалниот живот, зашто одбраните дела не се хитови на познати музејски колекции.

„Врата до реката“ (1960), Вилем де Кунинг
„Отворен прозорец“ (1921), Хуан Грис

„Никогаш немаше да се извлечеме ако претендиравме дека ја имаме ‘Герника’“, вели Биер, која додава дека љубовта на Френклин за Колекцијата Фрик е дел од големата слика за уметноста, и за него како лик во „Слом“.

Прилично сцени во серијата, на судбинските муабети на Френклин со неговата ќерка Грејс (Никол Кидман), се снимени токму во музејот – Колекцијата Фрик. При пишувањето на конкретните сцени на ја имале предвид токму оваа колекција, но Биер увидела дека со сместувањето на Френклин во медитативни пози во овој музеј, ќе отиде слој подлабоко во неговото профилирање како вистински вљубеник во уметноста.

Во Колекцијата Фрик ликот што го игра Доналд Сатрленд седи пред две дела на Вилијам Тарнер, а и во неговата дневна соба е обесено дело на англискиот сликар на романтизмот, „Парламентот во пламен, 16 октомври 1834“ (1835).

„Почувствував дека Тарнер е како скроен за Френклин, зашто е магичен, но тука не станува збор за луѓето, туку за атмосферата. Се работи за оној вид слики кои можете постојано да ги гледате.“

И на крајот, портретот на Грејс што го насликала убиената Елена Алвес, е дело на уметницата Лили Морис, со која Биер соработувала и претходно.

Таа ентузијастички прифатила кога од неа било побарано „итно“ да наслика портрет на Кидман (идејата дошла ‘во од’), на кој актерката ќе биде претставена како предмет на нечија болна опсесија.

„Не беше проблем … Никол Кидман природно отелотворува многу од преувеличените квалитети што опсесијата знае да ги генерира“, вели Морис.

Портретот на Грејс од Лили Морис

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here