Њујоршкиот Storm King центар за уметност е преубав музеј на отворено, распослан на 200 хектари природа, во која ‘органски’ се инсталирани скулптури со големи размери – специјално креирани за овој простор, кои ја прават најголемата збирка на современи ‘надворешни’ скулптури во САД. Музејот кој годинава слави шеесетгодишница, а во условиве на пандемијата иако работел со намален капацитет бил прилично посетуван (и поради можноста лесно да се одржува безбедна дистанца меѓу посетителите : ), најави дека неговата колекција, по 12 години (кога беше претставено „Брановото поле“ (Wavefield) на Маја Лин), догодина ќе се зголеми.

Со дело на ценетата американска уметница Сара Зи (Sarah Sze), кое се вика „Паднато небо“ (Fallen Sky), и сосем кореспондира со концептот на збирката на Storm King; а имено, голем размер потребен за забележливо интервенирање во пејзажот, кое останува во единство со природата. Скулптурата на Зи истовремено оди во нов правец, со дополнително специфицирање на концептот на збирката; кон етеричност и длабока реакција на ежеминутните промени на животната средина; и во смисла на нивната суптилност во очите на посматрачот, но и како брзина со која се уништува природата.

„Fallen Sky“ е всушност намерно некомплетна, префинета 11-метарска сферична шуплина, обложена со челик исполиран како огледало. Локацијата каде ќе биде инсталирано делото ја одбрала уметницата во консултација со кураторите на Storm King.

Подготвителни скици на Сара Зи

„Втисната во земјата, конкавната скулптура го рефлектира конкавното небо, создавајќи чувство на превртен пејзаж. Оној кој гледа во одразот е ‘потопен’ во небо и одгоре и оддолу, колебајќи се меѓу претставите дека скулптурата паднала одозгора и оти се појавува од земјата. Врамено од пејзажот, делото ја брише земјата и му дава форма на воздухот, овозможувајќи интимен поглед на она што инаку е огромно и немерливо“, се зборови на Сара Зи.

На нејзиното дело во Storm King се гледа како на генерациски континуум на замислените за конкретното место (site-specific) и респонзивни дела, од Ричард Сера, до Роберт Гросвенор, Урсула ван Рајдинсворд, и споменатата Маја Лин.

Storm King центарот за уметност целосно ќе биде реотворен на 22 мај 2021, токму со изложба на Сара Зи поставена во затворен простор, но која ќе биде дизајнирана да ги води посетителите до точката на кулминација, што е скулптурата на уметницата надвор, „Паднато небо“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here