Традиционалната култура – културниот код со надмоќна посебност и препознатливост кој го потцртува нашиот идентитет, етничкиот карактер, ни е на изумирање. Останува да се ‘негува’ во „стереотипни форми на презентација“, како што пишува проф. д-р. Владимир Јаневски; што значи поедноставување, обопштување на пребогатиот комплекс на традиционалната култура, до мерата на една крута форма ‘најотпорна’ на широка експлоатација; од која е истиснато вистински карактеристичното; флуидноста, на вековите, околностите, народните филозофско-уметнички гении; што резултира со сосем погрешна перцепција, која, за жал, се заканува да го дефинира нашиот однос кон традиционалното културно наследство.

Против ова со зачудувачки пофален ентузијазам станува етнокорелогот Бојан Петковски; и со новиот проект насловен „Реинкарнација“; овој пат предупредувајќи дека одредени сегменти од традицијата може да се ‘реинкарнираат’, но одредени, за голема жал, не. И типично за него, научниот го пакува во полнокрвен уметнички израз.

Изложбата „Реинкарнација“, што денес беше отворена во Музејот на РС Македонија, подразбира фотографии од автентични ситуации на носење традиционални носии од етничките предели Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Долни Полог, Струшко Поле, Охридско Поле, град Струга, Дурачка Река, Азот …

„Следејќи ја научно периодизацијата на традиционалните носии, Петковски прикажува носии од постариот тип, односно од крајот на XIX век, како и последните форми од нивното доносување во средината и на крајот на XX век. Во овој проект се прикажани носии за повеќе социјални статуси, како девојка, млада невеста, невеста, жена во средно доба, стара жена, млад маж; носија за жалост, како и детска носија и облека за бебе“, пишува професорот Јаневски во својот осврт.

А во духот на погоре кажаното, на авторот Бојан Петковски не му паѓа на памет носиите да ги откине од нивниот автентичен контекст, како да може да не се обестајнат ако се презентираат како изолирана форма на облека; туку ги прикажува во идентичните ситуации на нивното некогашно носење; на идентичните локации каде што традиционално биле изведувани конкретни, обредни случувања со соодветните носии. Оттука Петковски ја истражувал и традиционалната архитектура, и во проектот сугерира на нејзината лоша состојба, што всушност е еуфемизам за разрушеноста или запуштеноста која набрзо ќе се сведе на првото.

Бојан Петковски

На фотографиите од изложбата носиите и реквизитите се прикажани во боја, додека архитектурата во црно-бела техника. Она што е во боја може да се реинкарнира, вели нарацијата, а црно-белото ќе остане само на фотографиите. На отворањето на изложбата за сценската ефектност придонесе уште попластичното потцртување на овој концепт; а имено носиите, што, нели, може да се реинкарнираат, беа ‘дублирани’ на живи модели, кои заземаа идентични пози како на фотографиите.

Ваквата поставка дополнително заживеа – доживеа извесна реинкарнација, во финале со кореографија изведена на музика на традиционални инструменти, типична за етничките предели.

Следи галерија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here