Причини, повеќе за психички, но и за физички трауми (и вториве главно како индиректни последици на доминантниот психички материјал во општеството), не недостигаат, особено овде. Во погодната за трауми клима на пандемијава, за која на почеток мислевме дека ќе биде привремена состојба, но набрзо почна милозвучно да се комуницира како ‘нова нормалност’; овие ментално-емоционални повреди на личноста, душевни растројства кои по медицинска дефиниција делуваат во и од потсвесното, дополнително симптоматизирани, почнаа да ни ја детерминираат културата на однесување, самата егзистенција.

Така, и група македонски современи уметници, на честите средби и муабети за уметноста, неизбежно дискутирала и за физичката и ментална индивидуална болка, искажана во форма на катарза или исповед; и, како што пишува кураторката Ана Франговска, на нивниот нов заеднички проект „Траумакултура“, „се наметнал концепт, на некој начин сам, непретенциозно и несвесно, а мошне соматски и длабинско-суштински“.

„Дали и колку може да се претстави болката – и сопствената, но и туѓата? Дали таа може да се варира и во нови медиуми, т.е. да стане апстрактна, а сепак алузивна, но никако патетична? Може ли болката да се преточи во изведена визуелна поетика, или пак во аудио запис на хармонија која преминува во какофонија? Може ли таа да биде видена низ перформативниот чин како процес на деструкција или деконструкција? На овие прашања одговараат авторите преку своите мултумедијални дела, и ја комуницираат својата перцепција на траумата.“

Вака Франговска го скицира предизвикот со кој се соочиле уметниците Славица Јанешлиева, Игор Сековски, Борис Шемов и Гоце Наневски, а во споменатиот концептуален проект „Траумакултура“, претставен на 11 декември во фабриката Ариљеметал во Скопје.

„Авторите од проектот „Траумакултура“ не ставаат граници и ракавици во сопственото разобличување и ослободување од потиснатата или видлива емоција на траума, која покрај интимна, во себе компилира и просторна траума на нашата општествена егзистенција. Нивната траума е тесно поврзана со политичките состојби, со економската нестабилност, еколошките загадувања, траумата на духот, антропологијата, етиката, естетиката, моралот. Траумата како да несвесно навлезе длабоко во сите пори на живеењето и од привремена состојба цинично и критички гледано, прерасна во култура на однесување, егзистенција, опстанок.“

Делото на Славица Јанешлиева во рамки на проектот, „Траги на збунетост“, е изведено со шест парчиња текстил на кои се извезени претходно исцртани, вистински отпечатоци од удар на птица во стакло. Бидејќи извезените цртежи се поставени високо на метална конструкција, единствен начин да се видат одблизу е со двоглед.

„Удирањето на птица во стакло е траума. Траума е и збунетоста на птицата која не го препознава стаклото како препрека. Ние луѓето слободата често ја споредуваме со летање, а тоа ни е воедно и исконска желба. Кога стаклото не се перцепира како препрека, туку во одразот на стаклената површина се гледа, замислува, пејзаж, небо, облаци, дрва; и сакаш да продолжиш да леташ, а всушност силно се удираш во цврста и невидлива препрека, збунетоста на птицата е слична со нашата збунетост кога го употребуваме двогледот обидувајќи се да лоцираме, фокусираме, со различно видно поле. Ударот може да биде и симболично сфатен како борба со себе; нешто слично како птиците мажјаци кои не се препознаваат себеси во одразот, туку мислат дека тоа е друг мажјак, па се борат со својот одраз за да ја бранат територијата. Симболиката на неочекуваниот удар при лет може да биде песимистичка, како удар, болка, скршеница, конфузија, анксиозност, вознемиреност, паника, страв, страдање, крај; но, и оптимистичка: согледување, заздравување, препородување, визионерство, перспектива, надминување, ослободување, напредување, можности, порака“, вели Јанешлиева.

Со перформативен, пак, акт, на уништување на реплика од свое дело, како акт на критикување на општествениот статус на уметноста, етичките и морални малформации на културната стратосфера кои заедно со катастрофалниот образовен систем создале неверојатен регрес во позицијата на културата во општеството, Гоце Наневски ја елаборира својата трауматолошка состојба во „Културна дијафрагма – кратка историја на амебовидноста“, пишува Франговска во својот осврт на проектот.

Поддржувајќи ја како меродавна и суштинска хипотезата на Георги Господинов дека „културата е дел од националната безбедност на една земја“, Наневски го контрапунктира, со еден критичко-циничен перформативен пристап, ‘парадниот’ карактер на културата во нашата земја, доведен во таква дистописка позиција, делумно поради односот на власта, но и во уште поголем дел поради сервилниот став на голем број институции, културни работници и дејци. Симулакрумот на неговото дело е изложен на постамент и осветлен со специјално осветлување. Во ритуалниот чин пристапуваат двајца работници кои го земаат делото и го носат кон неговиот деструктор, машина за гмечење на метал, каде се случува неговата компресија до најмали можни димензии. За времетраењето на деструктивниот процес, се изведува соло вокална импровизација од страна на професионален пеач, што му дава посебен церемонијален призвук на целиот настан. Процесијата е водена од диригент кој го раководи дејството на перформансот, а диригентот во преодна смисла е секој од нас.

„’Културна дијафрагма – кратка историја на амебовидноста’ е ангажиран проект кој ги сублимира акумулираните истории на деструкцијата, на вредностите во образованието, во културата, во етиката, во социјалата. Тоа е перформанс на практично уништување на реплика на една моја скулптура од 2002 година, и рефлексија, односно револт од кој низ еден визуелен јазик ја парафразирам сликата на системските состојби во општеството во сегашниот момент. Делото почива на темелите на парадоксот, и додадената вредност, во наводници, се разбира; односно уништувањето, односно траумата, го дефинираат крајниот продукт или заокружената концепциска целина, која има реверзибилен или двонасочен карактер. Тоа го отвора и конечното прашање на ова дело кое јас го гледам како споменик на деструктивноста, а тоа е дали враќањето на чекор наназад може да претставува неколку чекори исчекорени напред“, се зборови на Наневски.

А Игор Сековски вака зборува за својата звучна инсталација „Псссст!“:

„Во општеството во кое живееме екологијата е на маргините. Поради неконтролираната урбанизација и индустријализација, секојдневно сме под опсада од звучното загадување. Звучно загадување предизвикува голем број на психофизички заболувања. Делото „Псссст“ е поставено во индустриски објект. Поставувањето на звуци од природата во ваков објект претставува пандан на секојдневните разорувачки звуци од пресување и гмечење на метал, предизвикани од машините кои се персонификација на урбаност и индустријализација. Дел од звуците кои се користат во инсталациите се снимени за време на карантините поради Ковид-19. Изненадувачка е трансформацијата кон подобро на урбаното живеење, дури и во услови на пандемија, без звучното загадување“.

Борис Шемов се одлучил за акт на деконструирачки перформанс, во кој од посебното оди кон општото. Во перформансот насловен „Терапоинт“ вклучува механизација – вилушкари. Во едната корпа од вилушкарот е сместен говорник (активен претставник на културната сцена во Македонија) кој со мегафон изговара познати, мотивациони мисли на најзначаните мислители и дејци низ историјата.

(На пример: „Верувајте дека може да го направите тоа и ќе го постигнете.“)

На вториот вилушкар е сместен кафез во кој се наоѓаат кокошки. И на третиот, алпинист кој сизифовски се качува и симнува по јаже до најголемата височина на механизацијата. Овој мобилен перформанс со дивергентни и разновидни акции обработува две трауматични линии; и тоа очекувањата кои ни ги наметнува општеството или фамилијата, директно или индиректно, но притоа остава фрустрации од аспект на ‘незадоволување’ на критериумите (говорите на разумот/ните кои ја колваат совеста) или пак, можностите, способностите и големите амбиции кои си ги поставуваме сами себеси и доколку не успееме во нивното постигнување оставаат неизбришливи траги кои ја разводнуваат самодовербата и го разјадуваат импулсот за продуктивност и егзистенција (аналогно на цикличните процеси на почеток и реализација на една задача по друга, како и искачувањето на алпинистот). Кокошките, пак го третираат проблемот на заведена и безумна маса која успева да биде изманипулирана и да ѝ бидат дадени, како готови, основните параметри за живеење. Звучните елементи од перформансот, агитирањето и кокодакањето, создаваат атонална и ахармонична композиција која укажува на актуелните аномалии во општественото уредување и неговите приоритети, а тоа се едноумие и широки народни маси.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here