Извештај од 2019 покажа дека Централната разузнавачка агенција – ЦИА, има еден од најнедиверзифицираните кадри меѓу федералните агенции на САД, со само 26,5% вработени што не ѝ припаѓаат на белата раса. Оттука, првата жена директор на ЦИА, Џина Хаспел, која на позицијата дојде во годината пред извештајот, почнала низа иницијативи со цел да привлече поширок спектар на регрути; како лансирањето Инстаграм профил на агенцијата или рекламирањето на стримиг сервиси.

Но, она што привлече најмногу внимание во контекстот е ‘ремонтот’ на вебсајтот на ЦИА, кој сега вклучува многу подиверзифицирана понуда на ликови. А во делот на естетиката користи графика и печатарски слогови посвојствени на технолошките компании, дизајнерските студија или дискографските куќи.

Директорката Хаспел вели дека се надева оти новиот вебсајт на ЦИА создава чувство на „динамично опкружување кое ги очекува нив (новите вработени во агенцијата)“.

Џина Хаспел

Но, во меѓувреме и критички настроените ги споделуваат своите гледишта на социјалните мрежи. На некои од нив редизајнот им асоцира на флаери со кои ноќни клубови канат на настан што го организираат. На други им личи на рекламен материјал за „фестивал на модуларни синтисајзери во Берлин“. Меѓу овие се и таквите кои сметаат дека со дизајнот на новиот вебсајт ЦИА сосем го загубила кредибилитетот. Но, има и такви, кои ги интересира само естетиката, без ‘субверзивен’ поттекст; кои го фалат ребрендирањето зашто ги потсетува, на пример, на дизајнот на Питер Савил за насловната на дебитанскиот албум на Џој Дивижн …

Веројатно меѓу ваквите ЦИА и Џина Хаспел ги гледаат новите регрути, во однос на кои и досегашните залагања на директорката даваат резултати. Барем ако се заклучува според официјалните изјави на агенцијата, која тврди дека нејзината „нова класа е трета по големина во последниве десет години и вклучува најдиверзифицирана група на таленти, вклучувајќи и лица со инвалидност, од 2010 година“.

Новата ЦИА

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here