Пишува Александра Ристески

Два филма од 2020 година, за кои се обидов да ја наведам само идејата на авторите, без да правам големи спојлери – сѐ во функција на топлата препорака да ги одгледате; се данскиот, на режисерот Томас Винтерберг, „Уште една рунда“ (Another Round; оригинал на дански – Druk); и првиот филм на англиски јазик на Унгарецот Корнел Мундруцо, „Парчиња од жена“ (Pieces of a Woman), на кој извршен продуцент е и еден Мартин Скорсезе.

„Уште една рунда“, поаѓа од тезата на норвешкиот психијатар и филозоф Фин Скардеруд, дека човекот се раѓа со дефицит од 0,5 промили алкохол во крвта; и истиот мора да го надомести, пиејќи 1-2 чаши вино или др. во текот на денот. Четворицата гимназиски професори, кои веќе наголемо ги мелат средовечните години и монотонијата; барајќи го одново животниот елан, решаваат на себе да ја тестираат тезата, правејќи, притоа, издржана психолошка анализа. Забавен, комичен, врвно естетизиран … вистински деликатес достоен за зрелото портфолио на брилијантниот Мадс Микелсен; еден од оние ретки филмови, што ќе се допадне секому, а ќе им приреди бескомпромисно уживање и на најстрогите синеасти.

„Парчиња од жена“, е филм, кој преку совршено пластично отсликана ситуација од реалниот живот (меѓу кои и 23 минутната сцена на породување, крајно вознемирувачка, која што и покрај сопственото искуство со три пораѓања, ја проследив со грч во утробата), одговара на суштински, егзистенцијалистички прашања. За мостовите кои мора/не мора да се премостат; и мостовите кои без сфатлива причина се рушат. За „идиличниот“ брак, кој не го издржува теретот на најголемата животна трагедија; за Ева, јаболкото и нарушениот рај; болката и различните начини на справување со истата; очајот и простувањето и правилните постапки кои повторно ни го враќаат мирот.

„Моето дете, не дојде за кратко на овој свет, за некому да му нанесе болка“, изустува, скршена од болка Марта, во своето сведочење при судењето на бабицата, која е под обвинение за смртта на новороденчето. Зборови, кои ја ослободуваат бабицата, но и зборови кои ѝ го враќаат мирот на мајката, која чувствува дека никаква компензација во облик на осуда, освета, пари и слично, нема да ѝ биде надомест за загубата.

„Марто, Марто, ти се грижиш за многу работи, но само едно е потребно; Марија го избра подобриот дел … “ – се Господовите зборови, кои Марта (лик толкуван од Ванеса Кирби), овој пат ги послуша и исполни, прегрнувајќи го и пуштајќи го спрaвувањето со загубата (to remember and let go); она што е вон дометот на нејзините сили, како единствен пат за повторно зачекорување во рајот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here