Папата Лав Х, големиот патрон на уметноста, од редот на Медичите, во 1515 година нарачал таписерии од Рафаел, за Систинската капела; а за да допотенцира каква власт наследува седнувајќи на престолот на првоврховните апостоли Петар и Павле. Во ателјето на ренесансниот гениј морало да се работи брзо за да се стигне со серијата од десет нацрти/дизајни (три се загубени) за таписериите, кои требало да бидат готови за 18 месеци. Исткаени се во Брисел, а нивните, Рафаелови дизајни, кралицата Викторија му ги подарила на Музејот на Викторија и Алберт (V&A) во 1865.

Ова е кратката историја на нацртите за таписериите на Рафаел, кои V&A сега ги нуди на увид без преседан.

Кога тие првпат биле фотографирани во 1858 година, за целта биле спуштани низ прозорец од блиската до Лондон кралска Палата Хемптон Корт, во сесија што траела неколку месеци, по налог на принцот Алберт, страсниот љубител на Рафаел и фотографијата, кој за да го проучува мајсторот собрал колекција од 5.000 репродукции.

Во август и септември 2019, нацртите се сликани одново, со најнова технологија; овој пат во боја и во висока резолуција, под инфрацрвени зраци и 3Д скенирање. Проектот што траел пет седмици го водела Фондацијата Фактум зад затворените врати на Музејот на Викторија и Алберт – домот на седумте сочувани нацрти, наменет од кралицата Викторија во името на нејзиниот сопруг, принцот Алберт.

„Личеше на воена операција“, се зборови на основачот на Фактум, Адам Лоу, кој притоа има предвид дека фотографирањето подразбирало сложени координации; минуциозна проверка на состојбата на делата од страна на конзерваторите на V&A; деликатно отстранување на огромните стакла и рамки што го извеле техничарите на Момарт, британската компанија специјализирана за складирање, транспорт и инсталација на уметнички дела.

Овие слики во висока резолуција сега се достапни за разгледување онлајн, како дел од новата музејска дигитална интерпретација на нацртите за таписериите на Рафаел. Длабочински приказ на работата на мајсторот и нивната историја, од 25 јануари се нуди на вебсајтот на V&A, а во пресрет на физичкото реотворање на одделот на музејот посветен на Рафаел, кој чека ублажување на коронавирус мерките во Англија.

Како што вели кураторката на проектот спроведен лани, на 500-годишницата од смртта на Рафаел, Ана Дебенедети – а имено целосната обнова на одделот на мајсторот со цел да се создадат услови за што подобро разгледување на нацртите за таписериите; тие се сепак високо поставени, и зад стакло, поради што окото на посетителот кој бара повеќе може да остане ускратено. Но, вели Дебенедети, новата дигитална интерпретација отклучува „неверојатно ниво на детали“.

На сајтот на V&A, под името „Истражете ги нацртите на Рафаел“ (Explore the Raphael Cartoons), се отвора интерактивен пребарувач во кој можете да видите сѐ што успеал да ‘ископа’ проектот воден од Фондацијата Фактум: максимум од боите, од фатеното со инфрацрвени зраци и од 3Д скенираните слоеви на делата. Можете да зумирате додека не ги видите убаво малечките дупчиња кои имале пресудно значење за креативниот процес на претворање во таписерии, во 16 век, на нацртите изработени во реална големина од Рафаел.

Сликите во висока резолуција откриваат таква „драматична“ текстура, вели основачот на Фактум, Адам Лоу, што „прави делата на Анселм Кифер да ви изгледаат рамни“. Да не должиме, посетете го вебсајтот на V&A, и уживајте (фотографиите може и да се симнат бесплатно) …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here