Пишува Александра Ристески

„When I look back upon my life

it’s always with a sense of shame

I’ve always been the one to blame

For everything I long to do

no matter when or where or who

has one thing in common too …“

Различни нешта во различни фази од човечката историја биле прогласувани за грев, а од денешен аспект, грев е да не ја погледнете, прогласена уште на самиот почеток на 2021-ва, серијата број 1 за годинава, „It’s a Sin“.

Соочени со светска пандемија од непознат карактер, која одзема на најбрутален начин, заклучени сами во болнички соби, милиони животи … и не, не е ковид-19 …

Дејствието е сместено во Лондон во 80-тите години и станува збор за СИДА-та. Група млади припадници на геј заедницата, сѐ уште слабо организирани, но срдечни во борбата со нечовечноста – произлезена од малограѓанската средина; отфрленоста, непочитувањето доведено под најелементарното човечко ниво, жигосувањето.

Главните ликови, Ричи (блескаво донесен од Оли Александер), Роско (Омари Даглас), Колин (Калум Скот Хауелс), Хенри (Нил Патрик Харис, со кој е поврзана и единствената моја забелешка: исклучително харизматичниот глумец се појавува само во првата епизода) … , успеваат да се издигнат над мракот и своето егзистирање да го втемелат на хуманоста, другарството, емпатијата, лојалноста, трагањето и правото на среќа и љубов кон животот; сето тоа проткаено со многу хумор и колаж од убава музика од 80-тите: позајмувајќи го насловот од песната на Pet Shop Boys од 1987-ма (цитирана најгоре); потоа Blondie, Joy Division, Erasure, Culture Club …

„It’s a Sin“ е одлично напишана и режирана, чиј изразен дух секако се должи и на посветеноста на каузата што и приватно ја застапува добар дел од екипата на мини-серијата од 5 епизоди; и од онаа што била пред, и од онаа зад камерите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here