„Воинот“ на Жан-Мишел Баскијат ќе стане најскапо продадено западно уметничко дело на аукција ‘на Исток’, односно во Азија. Датумот на кој ова ќе се официјализира е 23 март, кога ќе се одржи онлајн аукцијата на Кристис во Хонгконг, со „Воинот“ (Warrior (1982)) проценет меѓу 31 и 41 милиони долари.

Продавачот е американски колекционер кој го купил делото во 2012 од конкурентската (на Кристис) Сотбис, на аукција во Лондон, а по цена од околу 7,5 милиони долари. Јасни се неговите мотиви, ако на делото се гледа како на инвестиција која за 9 години (од 2012) ќе му се оплоди минимум четирикратно.

„Воинот“ е настанат во годината кога Баскијат го постигнал своето ‘акме’, односно, како што напишале од Сотбис за аукцијата од 2012, „својата потполна уметничка зрелост, реализирајќи го и целосниот потенцијал на неговите исклучителни дарби“.

Со ова сега се сложуваат и од Кристис, исто така потенцирајќи дека сликата е настаната во 1982, годината кога „уметничката моќ на Баскијат го достигнала својот врв“; за да заклучат оти „Воинот“ „уверливо покажува зошто овој уметник е сметан за еден од најважните сликари на последниот половина век“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here