Претходната сезона, а прва за Ристо Вуков – Рико во Порше Карера Купот што се вози во Италија, како и сѐ друго во светот, помина во знакот на Ковид-пандемијата. Но, решителен каков што го знаеме, овој македонски автомобилист ја искористи најдобро што може: за одблизу да ги проучи параметрите на првенството, до ниво од кое годинава изгледно ќе може да напаѓа пиедестали во Мизано, Имола, Муџело, Валелунга, Монца …

Ристо Вуков – Рико

Во последново Ристо Вуков нѐ увери и со својот настап на вечерашната спектакуларна промоција на автомобилот со кој во 2021 ќе се трка во Порше Карера Купот, а која се одржа во хотелот Александар Палас. Во прилог на големите очекувања, покрај титулите на балканските патеки во претходната фаза од кариерата на Рико, на вечерашната промоција говореше и долгогодишниот член на неговиот тим, Милош Милосављевиќ. Истакнувајќи ја големата професионалност на нашиот автомобилист, „чиј труд и константни тренинзи се примерени за максимални успеси“, Милосављевиќ рече:

„Ова е едно од најтешките првенства од серијата на Порше. Но, со оглед што во минатата сезона која беше многу напорна за Рико и за целиот тим; со оглед на пандемијата кога сѐ беше згуснато, распоредот на трките беше многу напорен; успеавме да собереме максимум искуство, да ги научиме сетапите, Рико добро да ги вози тие патеки; и годинава верувам дека ќе оствариме многу добар резултат.“

Муџело, 2020, Порше Карера Куп

Во своето обраќање Ристо Вуков потврди дека во претходната сезона во Порше Купот и покрај сите пречки го остварил зацртаното.

„Многу е нормално, за секој возач кој преминува од еден во друг автомобил – во мојот случај разликата беше особено голема; да му треба време да се адаптира на патеката и на автомобилот. Се надевам дека пандемијата ќе остане зад нас и оти во 2021 ќе настапам повторно во Порше Карера Купот каде ќе се потрудам колку што може повеќе да се искачувам на победничките пиедестали.“

На крајот од промоцијата беше симната и прекривката од автомобилот на Рико, Porsche 991 GT3 Cup, па бевме почестени и со грмежот на 485-те коњски сили од неговиот мотор. Како нивниот ‘јавач’ ќе ги води први преку целните линии на италијанските патеки, годинава се надеваме дека ќе гледаме на Телевизија 24, во директни преноси од сите трки на Порше Карера Купот.

Ристо Вуков – Рико ќе вози како дел од тимот GDL Racing, на италијанската тркачка легенда, Џанлука Ди Лоренци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here