Феноменалниот осумгодишник Алексеј Јаневски, кој, имајќи задоволство да го познаваме, тврдиме дека е предодреден да освојува сцени, во голема, светска конкуренција го освои третото место на Зимскиот фестивал за популарна и џез музика, Роки Маунтин (Rocky Mountain Winter Popular and Jazz Music Festival), во категоријата млади музичари на возраст од 7 до 8 години.

Фестивалот базиран во Канада промовира високо квалитетни изведби остварени ширум светот, поддржувајќи талентирани музичари од различни возрасти, со цел да бидат препознаени на меѓународно ниво преку создавање глобална свесност за нивните достигнувања. Организаторите секоја сезона канат докажани експерти кои ги оценуваат кандидатите, а членовите на овогодинешното жири можете да ги погледнете овде.

Алексеј Јаневски е награден за изведбата на познатиот „Забавувач“ (The Entertainer) од Скот Џоплин.

Сестраниот Јаневски музички се образува во класата на професорката Марија Диманин – Богоевска, која, во духот на погоре кажаното, вели дека „Алексеј има уметничка индивидуалност што е препознатлива“; а, впрочем, лесно ќе ја препознаете во приложеното видео.

„Конкуренцијата беше голема. Се работи за интернационален натпревар со кандидати од сите континенти“, додава професорката, а во контекст на наградата за нејзиниот ученик од Роки Маунтин фестивалот.

Рано раширен креативен хоризонт Алексеј покажа веќе на 6-годишна возраст, кога тукушто почнувајќи со пијаното, самостојно ја напиша композицијата „Мими“, која има доживеано неколку јавни изведби.

Во прилог на неговата сестраност, за крај ќе додадеме дека покрај изразената уметничка индивидуалност и интелектуална љубопитност (која задира дури и во геополитиката); тој е вичен во повеќе спортови – моментално освојува тениски турнири; и е восхитен љубител на природата – се грижи за повеќе животни-миленици, главно егзоти.

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here