Пишува Александра Ристески

Пред неколку години на мојот сопруг му беше понудено да пишува сценарио за документарно шоу од типот на оние на Ентони Бордејн. Веројатно бев последна личност на светот која немаше погледнато нешто од неговата голема ТВ заоставштина, ниту имав чуено за истата. Немав поим кој е човекот, но некако имав впечаток дека станува збор за досадни емисии во кои се зборува многу за храна, од различни делови на светот. Не дека не сакам убава храна, но да одвојам време да одгледам цела емисија во која ќе се зборува за храна? Мммм … не ми беше предизвик.

Сѐ до пред некое време, кога случајно фатив дел од „Непознати делови“ и … и паднав во мрежата на Ентони, еден од најкул фраерите, после Боуви и Мадс Микелсен, кои што некогаш оделе по Земјата.

Прво, „Непознати делови“ не е телевизиско шоу: тоа е уметничко дело, мини филм, режиран од екипа страсни љубители (неминовно забележително со истенчен вкус) на филмот, музиката, сликарство … уметноста во сите нејзини форми, па и уметноста на храната; тоа е трагедија, комедија, документарец, хорор, акција, историја, политика, сатира, патопис и патешествие, и пред сѐ сведоштво за животот, судбините, културата … на луѓето … на вистинските луѓе од крв и месо, од различни делови на светот, посебно на оние маргинализираните, на оние чиј што глас никогаш не бил слушнат пошироко. Ентони, спонтано и суптилно ги открива нивните чувства, сфаќања, стравови, надежи, доживувања; нивната традиција, нивното секојдневие, нивните визии за иднината … Дрско искрен, дрско сатиричен, но и со длабоко чувство за емпатија, љубопитност и истовремено големи предзнаења и познавања од различни области, Ентони со емисијата ги задоволува страсните потреби на гледачот за патувања и откривања на неспознаените, помалку или повеќе познатите предели. Неговата екипа тврди: „Сѐ околу можеш да режираш, само не смееш да го режираш Тони, ги мразеше зборовите ‘акција’ и ‘сечи’“.

Па така, несфатливо му било и кога CNN побарале пролог на почетокот од емисијата („Минута патување“), каде во една минута требало да се сумира сижето на цела емисија од шоуто. На емисија, која дише со секоја пора, емисија во која секој кадар е приказна за себе.

Иако не се сложував баш со начинот на кој ги претстави Москва и Истанбул (веројатно политиката си го зема својот данок) и антивеганските ставови на овој голем фан на Вонг Кар-Ваи и Паоло Сорентино, неговата „Непознати делови“ ја достигнува суптилноста на „Во расположение за љубов“, и грандиозноста на „Големата убавина“, издигнувајќи го него во панк ѕвезда од рангот на неговиот миленик Иги Поп.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here