Додека половина Италија одново е затворена под строги карантински мерки, ценетиот француски уличен уметник JR претстави грандиозна инсталација на фасадата на Палатата Строци во Фиренца, за да ја потенцира важноста на одржувањето на пристапот на луѓето до културата во тек на глобалната здравствена криза.

Рим, Милано и Венеција се меѓу градовите кои од 15 март одново се под клуч и ќе останат затворени до почетокот на април; а од тоа што во Фиренца мерките се нешто поблаги не добиваат ништо музеите и другите културни институции кои и во градот што се смета за родно место на ренесансата не работат.

JR го користел својот ‘патентиран’ фото-колажен метод за да ја креира 28 метри високата инсталација врз надворешната страна на ѕидот на фирентинска палата. Делото именувано „La Ferita“ („Раната“ на македонски) создава оптичка илузија на големо ранување, односно пробивање на ѕидовите на палатата.

Вака создадените пукнатини овозможуваат луѓето однадвор да ѕирнат во внатрешноста на затворената институција; односно во црно-белата визија на JR за истата; во која уметникот вклопил и некои од најпознатите уметнички дела и културно наследство на Фиренца, како „Пролетта“ (Primavera) и „Раѓањето на Венера“ од фирентинецот Ботичели.

Директорот на ‘ранетиот’ музеј, Артуро Галансино, вели дека симболичката рана реферира на маките на културните институции принудени на бидат затворени или поинаку да го ограничуваат пристапот до своите културни добра.

„Она што многу јасно ни го покажаа сите овие карантини е дека луѓето се гладни за култура. Сакаат да одат на изложби, во музеи, библиотеки, театри, кина; да им се врати културата како фундаментален дел од нивите животи. Сакаме ова дело да биде видено како повик за реоткривање на директната врска со уметноста, како и да ја помогне потрагата по нови форми на споделување и партиципација – да повика на акција за уметност и култура во овој тежок момент.“

Галансино секако се надева на што побрзо отворање на вратите на музејот, зборувајќи и генерално за сега стивнатиот град, во чие секојдневие инаку се вткаени ‘наезди’ од туристи од светот.

„Убавината на нашиот град е наследство кое мора да може да се искуси, да биде активирано од луѓето“, вели директорот, додавајќи дека од епидемијата не е погодена само економијата, туку во погорниот контекст и идентитетот и начинот на живот на (во случајов) Фиренца.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here