На луѓето кои ги интересира ликовната уметност, лани, поради пандемијата, им беше прилично ускратена можноста да следат уметност ‘во живо’, по музеи и галерии. Затоа односните потреби пообилно си ги задоволуваа на интернет.

Оттука, на консултантот за оптимизација за пребарувачи, Гарет Еванс, му дошла идејата да собере податоци од 199 држави (со помош на алатката на Google, Keyword Planner, која обезбедува податоци за пребарувањата на корисниците) и да ја измери Google-популарноста на големите уметнички имиња во 2020 година.

Испаднало дека Леонардо да Винчи е уверливо најпопуларен уметник – најпребаруван во 82 од државите опфатени со истражувањето, вклучувајќи ја и Македонија, поголемиот дел од источна Европа, добар дел од Азија, јужна и источна Африка. Поконкретниот интерес за Да Винчи бил поттикнат од изложбите што се отвораа преклани по повод 500-годишницата од неговата смрт, како и од сагата за најскапата слика на светот, „Спасителот на светот“, која му се припишува.

Леонардо бил најпребаруван во сите држави наследнички на поранешна Југославија, со исклучок на Словенија која најмногу се интересирала за Фрида Кало

Британците, пак, ‘локалпатриотски’ му останале верни на Бенкси, кој е прв и во Франција, Русија и Јапонија – земји со добро етаблирани сцени на улична уметност.

Кога ја споменавме Русија, Гарет Еванс бил свесен за извесните ограничувања на неговото истражување – Google е бааги ‘регулиран’ во најнаселената Кина, а ретко се користи во најголемата држава по територија. Но, вели експертот за оптимизација на пребарувачи, и од двете земји добил доволно податоци за издржана анализа, за разлика од други 47 држави кои морал да ги изостави поради недоволен материјал.

Инаку, уметница е на второто место по глобална популарност, Фрида Кало, која лани била најпребарувана во 29 држави. Но, вистинското изненадување кога се во прашање жените уметници е четвртопласираната Артемизија Џентилески (прва во 23 од државите опфатени со истражувањето), чија личност и дело одвај неодамна добија пошироко признание, односно популарност. Во случајот на оваа современичка на Караваџо, интересот секако бил поттикнат од големата изложба во Националната галерија во Лондон, како и од самиот Google, со Doodle-от од јули 2020, по повод 427-мата годишница од раѓањето на Џентилески.

На светската листа најпопуларни ликовни уметници, по Да Винчи, Фрида Кало, Ван Гог (најпопуларен во 24 држави) и Артемизија Џентилески, се редат Пикасо (18), Бенкси (14), Диего Веласкез (2), пред Хуан Миро, филипинскиот уметник Хуан Луна, Дејвид Хокни, Вилијам Блејк, Кит Херинг и грузискиот наивец Нико Пиросмани, кои го делат осмото место со по една држава од истражувањето во која се најпопуларни.

Како изгледаат листите по континенти можете да погледнете овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here