Сагата за најскапо продаденото уметничко дело на сите времиња – сликата „Спасителот на светот“ (Salvator Mundi) која во 2017-та година се продаде за 450 милиони долари на аукција на „Кристис“ – неодамна продолжи со NFT или ‘крипто’ верзијата на ова наводно дело на Леонардо да Винчи.

Претходно сликата доби свој минијатурен музеј, мјузикл … за звучните новински наслови да не зборуваме … притоа останувајќи јавно невидена од споменатата аукција на „Кристис“.

Но, сега на „Спасителот“ конечно е фрлена и разјаснувачка светлина – барем на еден дел од сагата – со новиот документарен филм кој премиерно ќе биде прикажан на Француска телевизија (France Télévisions – france·tv) на 13-ти април. Разјаснувањето се однесува на повеќезначните причини поради кои наводното дело на Да Винчи не се појави на ‘главната’ изложба со која во 2019-та се одбележа 500-годишнината од смртта на ренесансниот гениј.

Во филмот „Спасителот на продажба“ (The Savior for Sale), режисерот Антоан Виткин интервјуира анонимни, но релевантни извори, кои тврдат дека планот сликата да биде изложена пропаднал зашто од Лувр одбиле да го исполнат барањето на Саудијците (сопственик на „Спасителот на светот“ е саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман) истата да биде третирана како автентично Леонардова. Од најголемиот светски музеј тајно спровеле свое научно истражување за 450-милионската слика и според резултатите заклучиле дека таа не може да се претстави како што тоа го направи „Кристис“ во 2017-та, а имено како „машки пандан на Мона Лиза“.

„Научни докази имаме само дека Леонардо да Винчи дал извесен придонес при изработката на делото. Околу тоа нема дилеми“, вели во документарецот висок претставник на француската влада, чие кодно име (во филмот) е Жак.

Од Лувр го информирале сопственикот на сликата, Мохамед бин Салман, за нивните наоди, но тој не само што не ги прифатил, туку поставил вакви услови: „Изложете го ‘Спасителот на светот’ покрај ‘Мона Лиза’ без никакви објаснувања, презентирајќи ја сликата како 100-отстотен Леонардо да Винчи“, раскажува „Жак“.

Во вакви околности, во септември 2019-та, на месец пред отворањето на изложбата во Лувр, францускиот претседател Емануел Макрон пресекол да се оди без „Спасителот на светот“. Секако со тешко срце, ако се има предвид дека на француско-саудискиот самит во април 2018-та, од чиј исход зависеле сериозни интереси на Елисејската палата, официјален Ријад ‘дискретно’ ги условил француските планови со прифаќањето на ‘Salvator Mundi’ како полнокрвно дело на Леонардо.

Но, „на ризик беа изложени нашиот кредибилитет – на Франција и на Лувр. Мојот став, што го соопштив на највисоко ниво, беше дека условите на Саудијците се неразумни и оти изложувањето на делото под вакви услови ќе биде перење на слика од 450 милиони долари“, вели „Жак“.

А во Лувр, покажува документарецот, до последен момент се надевале дека ќе се најде разумно решение, па испечатиле две верзии на каталогот за изложбата – една со ‘Спасителот на светот’, другата без. Музејот претходно дури и испечатил монографија за делото, која ја повлекол пред да биде објавена, откако станало јасно дека „Спасителот“ нема да се појави на изложбата. Во предговорот на оваа книга се вели дека „резултатите од историското и научното истражување изложени во публикацијата допуштаат да го потврдиме припишувањето на делото на Леонардо да Винчи“; што сугерира оти работејќи на монографијата Лувр во оваа фаза сесрдно соработувал со Саудијците, и бил спремен на големи отстапки.

„Жак“, инаку, успеал лично да го види „Спасителот на светот“. „Сликата стигна во Париз во јуни 2019-та. Мислам дека дојде директно од Њујорк, каде била чувана откако е купена на аукцијата на ‘Кристис’. Три месеци беше во Лувр и тогаш ја видов“, е уште една негова изјава во документарецот на Виткин.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here