„Единствената работа што ја правам секој ден во исто време е кога ќе се разбудам, пред да направам што и да е друго – пред да ги исчеткам забите или да јадам – да нацртам нешто со туш.“ Ова е еден одговор на Метју Вонг во интервју од 2013, само година откако ја оставил фотографијата која тукушто ја магистрирал, за да почне да се занимава со сликарство. Со цртежите со туш продолжил во неколкуте години до неговата прерана смрт, а многу попознат е по пејзажите во маслена техника; набиено атмосферични, меланхолични, чиј заеднички именител е мистичниот, поетичен третман на светлината; тоа се маслата на платна за кои колекционери трескавично се наддаваат на аукции.

„Гледачот“

Но и покрај ваквиот интерес, од вкупно околу 1.000 дела на кои уметникот ‘се потпишал’, само дел ѝ се познати на јавноста; цртежите со туш речиси воопшто не. Веројатно најпознат од последните е моќниот цртеж што лани родителите на Метју Вонг му го подарија на њујоршки Метрополитен („Градина со космичка вазна“, со импресивни димензии од 190.5 х 106.7 cm); чиј ‘ефект’ ја натерал њујоршката галерија Чаим и Рид (Cheim & Read) да понуди повеќе од оваа толку барана ‘роба’. Галеријата за 5 мај годинава ја закажа изложбата „Метју Вонг: траги на ветрот, цртежи со туш 2013-2017“, која низ 24 експонати, досега неизложувани, ќе ги прикаже првите сликарски обиди на уметникот; во кои е видлив костурот, без останатата ‘граѓа’, односно бојата, од ‘маслата’ по кои е најпознат и најценет.

„Без наслов“

Изложбата е организирана во соработка со Фондацијата Метју Вонг, непрофитната организација основана од родителите на уметникот за зачувување на неговото наследство и спроведување филантропски активности во негово име.

Родениот во Торонто Метју Вонг, неколку години живеел и работел во Џунгшан, Кина, пред да се врати во Канада, во Едмонтон. Како сликар е самоук, а дипломирал културна антропологија пред да магистрира фотографија. Првата самостојна изложба ја имал во 2018 во Њујорк, која добитникот на Пулицер за уметничка критика, Џери Салц, ја оценил како „едно од најимпресивните самостојни дебија во Њујорк откако се сеќава“. Метју Вонг се самоуби кратко пред отворањето на неговата втора изложба во истиот град.

„Зимски ветар“

„Во поновото сеќавање нема сликар кој горел толку светло како Вонг, уметникот кој страдал од Туретов синдром, аутизам и депресија, а починал извршувајќи самоубиство во 2019, на 35-годишна возраст, само неколку години откако го изработил своето прво уметничко дело. Слободата и комплексноста на неговите површини доведоа до споредби на Вонг со Едуар Вијар, Винсент ван Гог, Едвард Мунк, Јајои Кусама и раните цртежи на Луиз Буржоа …“, е извадок од текстот што ја најавува изложбата во Чаим и Рид.

Следи галерија масла на Метју Вонг …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here