„Скоро секое наше село – да не зборуваме за градовите, има црква со специфичен иконопис и специфично ѕидно сликарство. Нивната заштита, конзервацијата, треба да биде тековна, секоја година на повеќе објекти, а не да се бориме со администрација и комисии за месец дена терен со тенок буџет“, вели Гоше Мукаетов, советник-конзерватор за ѕидно сликарство при Националниот конзерваторски центар, во интервјуто што следи

Твојата професија би требало да е меѓу најнепогодените од пандемијава. Со помалку посетители помирно се работи. Го користите ли периодов со полна пареа? На кој проект работиш моментално?

Не само во пандемијава, кога секако имаме најмалку посети, туку и кога немаше пандемија конзерваторите мирно си ја работеа својата работа. Нашите села се напуштени, така што, ретко може да се видат посетители во некое планинско, пусто село. Фреквенција луѓе имаше кога работевме во Охрид. И тоа само во лето.

А периодов го користиме за добивање дозволи, изработка на проектни решенија, работа во самиот Национален конзерваторски центар. За годинава се планирани превентивни конзерваторски работи на живописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Матејче.

Колку како држава и нација покажуваме свесност за величественоста на нашето културно наследство; за многуте слоеви историја, кои овде, иако на мал простор, оставиле наследство на кое може да ни завидува светот?

Како држава и нација, според мене, би требало повеќе да водиме сметка за ѕидното сликарство и за иконите, бидејќи ние сме земја на сликарството. Скоро секое наше село – да не зборуваме за градовите, има црква со специфичен иконопис и специфично ѕидно сликарство. Нивната заштита, конзервацијата, треба да биде тековна, секоја година на повеќе објекти, а не да се бориме со администрација и комисии за месец дена терен со тенок буџет.

Поставување материјал за чистење

Поради старината и возвишеното мајсторство, одредени икони, фрески и други дела од нашето културно наследство, нѐ тераат да ги гледаме ‘оддалеку’; и тоа со должен трепет. А ти мораш да имаш ‘смелост’ и да интервенираш врз истите. Која конзерваторско-реставраторска работа си ја прифатил со најголем стравопочит?

„Смелоста“ да се интервенира со конзерваторско-реставраторски работи на многу вредни уметници, односно на нивните дела од нашето културно наследство, ја носи искуството од 28 години во конзервацијата. Правилната изведба на конзерваторските работи. На пример, самото отстранување на наталожените соли од боениот слој, веднаш ја подобрува состојбата на живописот, бидејќи можеме да го видиме оригиналот. Зашто белиот филм од соли го нема повеќе.

Ретушот е специфична постапка. Треба да биде реверзибилен (акварелен), така што во случај на грешка, лесно да може да отстрани со обичен сунѓер и вода. Инаку, според мене, најдобар ретуш е оној што ја ублажува белината, но јасно ги двои оригиналот и новата плоха.

Со најголема стравопочит сум работел на ентериерот на црквата „Света Богородица Перивлептос“ во Охрид, кога работев на чистење на боениот слој на ѕидното сликарство од наталожените соли. Се борев не за секој сантиметар, туку за секој милиметар оригинал. Да изгори или на каков и да е начин да се уништи вакво културно богатство исто е како да изгорела „Мона Лиза“. Ако не и полошо.

Пред и по отстранување микробиолошки оштетувања

И самиот изработуваш икони. Мој впечаток е дека се држиш до канонот, но во мерата во која тој дозволува им даваш оддишка и на твоите фасцинации од одредени правци и уметници од ‘профаната’ уметност?

При изработката на икони – секако во моето ателје, работењето по канон се наметнува само по себе; т.е. византискиот начин на сликање (со обратната перспектива и слично), кој иако канон, дава поголема слобода и простор за импровизација. Постои и пореалистичниот пристап, кој е академски, близок до реалистичното сликарство; зборуваме за икони од 19-тиот и 20-тиот век. И овој пристап може да биде фасцинантен, но го преферирам византискиот.

За крај ќе ве почестиме со галерија од неколку икони изработени од Гоше Мукаетов, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот графика со графички дизајн, во класата на професор Димитар Малиданов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here